Директни автобуски линии Велес – Скопје, од крајот на октомври
Објавено: 12 септември, 2013, во 12:38 часот
Од крајот на месец октомври, секојдневно, со пет директни автобуски линии велешани ќе треба да се возат до Скопје, најави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски.
– На први октомври ќе имаме повик за нови автобуски линии и нови компании кој се заинтересирани, повикот трае два дена и некаде кон крајот на месецот очекувам дека ќе имаме пет нови линии кои ќе поаѓаат од Велес до Скопје. И со тоа генерално ќе го решиме проблемот со недостаток на линии од Велес кон Скопје, рече Јанакиевски.
При денешната посета на општината, министерот и градоначалникот Славчо Чадиев разговарале за проектите со кои општината ќе конкурира за изградба на водоводни и канализациони мрежи со пари на европската инвестициона банка. Општината досега искористила само 400 илјади евра од вкупно предвидените 1,5 милиони евра. Сега подготвила 11 проекти со кои ќе се обиде да искористи поголем дел од финансиските сретства.
Министерството за транспорт ја одобри промената на Генералниот урбанистички план на Велес и се отвараат можности за изградба на нови индустриски зони и привлекување на инвестицииј инвеститори, домашни и странски, рече градоначалникот.
– И сега треба да видиме што е тоа што Велес може да го понуди на инвеститорите домашни и странски. Особено откако општината се стекна со бројни сертификати, рече Чадиев.
Министерот пак апелираше до велешани кои започнале да ги легализираат дивоградбите и сеуште не поднеле геодетските елаборати тоа да го сторат во законски утврдениот рок за да ги искористат намалените цени што им ги овозможи државата. Во општина Велес има 3 илјади поднесени барања без геодетски елаборати./Б.Н


