Советниците Гајдов и Димевски им одговорија на Антикорупционерите
Објавено: 28 август, 2013, во 13:13 часот
Велешките советници, Димевски и Гајдов, во законскиот рок им одговорија на Антикорупционерите кои ги прозваа поради конфликт на интереси.
Драган Димевски, од ПОДЕМ,за кого Антикорупциска смета дека не треба во исто време да членува во Управниот одбор на ЈП Македонски пошти и да биде член на Советот на општина Велес рече дека во законскиот рок го доставил своето мислење по забелешките.
– Ви кажав и претходно, на Комисијата за Антикорупција и ги напишав своите аргументи и во законски дадениот рок одговорив зошто сметам дека немам конфликт на интереси. Го чекам нивниот одговор а потоа ќе дадам изјава, рече Димевски.
Кире Гајдов , од НСДП, ја информирал комисијата дека се откажал од местото управител во приватната фирмата. Тој смета дека треба да остане во Советот на општината затоа што за листата на советници, на опозицијата предводена од СДСМ, гласале 13.800 граѓани пред кои тој се обврзал дека ќе ги застапува нивните интереси.
– Како велешанец ќе се залагам за остварување на се што ветив пред моите сограѓани. Во наредниот период тие ќе бидат мојот приоритет. Дадениот збор ќе го остварам со работа и целосна посветеност за решавање на нивните проблеми. Ним им должам работа и секако помош при решавањето на големиот број на проблеми со кои знам дека секојдневно се соочуваат, рече Гајдов.
На Гајдов ова му е прв мандат во Советот на општина Велес додека Димевски советничката функција ја извршува по вторпат па за него реакцијата на Антикорупционерите се коментираше како задоцнета. /Б.Н
