Премиерот Заев, в понеделник, на средби со Могерини и Хан
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, в понеделник во Брисел ќе го пречекаат новиот македонски премиер Зоран Заев во негова прва официјална посета на европската престолнина откако застана на чело на Владата на Република Македонија.
– Могерини и Хан на средбата со Заев ќе ја повторат својата подготвеност за поддршка на новата влада, како и на опозицијата, во нивните напори конструктивно да се испорача нивната заедничка цел за реформи поврзани со ЕУ. Тие ја нудат својата помош во овој поглед и ќе инсистираат на имплементација на сите делови од договорот Пржино и на Итните реформски приоритети. Ова е, исто така, од суштинско значење за да се врати земјата на својот пат кон европската интеграција, процес кој граѓаните јасно го сакаат и заслужуваа – истакна портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.
Во соопштение до јавноста, комесарот Јоханес Хан соопшти дека повторно во Скопје го испраќа пензионираниот експерт за владеење на правото на Европската комисија, Рајнхард Прибе, кој заедно со група на експерти на Комисијата ќе треба да и помагаат на новата Влада на Република Македонија во напорите за реформи.