Двеста години од раѓањето на најголемиот македонски архитект, Андреја Дамјанов

Објавено: 13 јули, 2013, во 13:41 часот

Со панихида и поклон на гробот на Андреја Дамјанов денеска Асоцијацијата на Архитекти на Македонија и општина Велес ја одбележаа 200 годишнината од раѓањето на најголемиот македонски архитект. Чествувањето се одржа во непосредна близина на едно од најубавите негови дела, црквата Свети Великомаченик Пантелејмон, прогласена за бисер на сакралната архитектура.

Неговите следбеници денеска  побараа да се заштити ликот и делото на ненадминатиот градител за кого патеписците запишаа дека бил вреден мајстор и уметник додека поради акустиката во ентериерот, црквата што тој ја изгради на ридот во Велес ја прогласија за монументално дело, по акустика вредно колку и  Миланската скала.

– Многу малку е сторено за заштитата на неговиот лик и дело. Ќе ви кажам дека во мојата лична библиотека јас имам публикација во која пишува „чувени српски градитељ 19-тог века, Андреја Дамјанович“ а ние ништо не сторивме во изминатиот период да го заштитиме, рече архитект Трајко Димитров од Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Архитектонската академија на Македонија.

Тој е добитник на националната награда за архитектура „Андреја Дамјанов“ во 2003-та година и смета дека треба да прерасне во балканска.

– Така наградата ќе ја подигнеме на повисок ранг како што впрочем заслужува личноста чие име го носи. Анреја Дамјанов освен во Македонија градел и на Балканот. Исто така сметаме дека е потребно да се направи легална верификација на ликот и делото на овој уметник, рече Димитров.

Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија исто така предложија градот Велес, како најблиско место до родното село на Дамјанов, Папрадиште, да му постави споменик.

Скромниот неимар и ненадминлив градител, Андреја Дамјанов живеел со мотото дека само делата говорат за големината на човекот. Досега се почитува неговиот аманет, името и ликот да не стојат на надргобната плоча. Сега на гробот на Дамјанов единствено стои камен крст./Б.Н

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.