Димитров: Постапката за амбасадор во Брисел ќе биде запрена
Александар Николовски, предложен од претходната влада за амбасадор на Македонија во Европската унија не е по мерка на новиот владин кабинет. Министерот за надворешни работи Никола Димитров одо од Софија порача дека постапката за негово назначување на оваа позиција ќе биде запрена. Тој вели дека партискиот политичкиот фолклор мора да престане.
„Во Македонија ќе мора да престанеме со обидите да се испраќа амбасадор политичар или да се почне постапка за испраќање на човек за амбасадор кој е политичар, пред одржување на изборите. Бидејќи логиката на испраќање на некој што е политички близок, особено во голем центар, е да работи за вас додека се власт. Затоа ние имаме неколку пати вакви грешки направено и мислам дека треба да се договориме како општество и како политички систем ова да не го правиме”, истакна Димитров.
Но, Кандидатот за Амбасадор и Шеф на мисијата на Република Македонија во Европската Унија, Александар Николоски вели дека не се кандидирал за пратеник на последните избори, и се повлекол од сите функции во
Парламентарното собрание на Советот на Европа, како и од сите партиски функции само за да биде именуван на ова функција. Според Николоски одговорите околу неговото именување лежат во Уставот на РМ и законот за надворешни работи и дека тоа треба да се почитува.
„Сметам дека за оваа битна дипломатска тема не е потребно медиумско надмудрување, туку координација и усогласување помеѓу Претседателот на Република Македонија, Премиерот, Министерот за надворешни работи и мене како Амбасадор. Така ќе ја поштедиме јавноста од јавни препукувања, а достојно ќе се усогласиме за интересите и угледот на Македонија во Брисел”, истакна Николоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека одговорите по ова прашање треба да се бараат кај претседателот на владата и претседателот на државата.
“Сепак тоа прашање е за надворешна политика кај што и се именуваат и амбасадорите. Ова прашање е за претседателот на државата и на владата, мислам дека тие најсоодветно ќе одговорат во однос на тоа прашање”, истакна Трајко Вељаноски.
Извор: ТВ21