Заев на ФБ профилот:„Наш противник е ВМРО ДПМНЕ а не сопартијците, делегатите, симпатизерите“

Објавено на 12 мај, 2013 во 21:19

Градоначалникот на Струмица и кандидат за претседател на СДСМ, Зоран Заев, вечерва преку својата Фејсбук фан страница им се обрати на своите поддржувачи.

„Јас, Зоран Заев во три изборни циклуси по ред го декласирам овој монструозен режим на ВМРО-ДПМНЕ. Точно знам како да се изборам и да ги поразам гнасотиите на системот на Груевски. Не се повлекувам од ниту една битка, тоа не е моја карактерна особина “– пишува Заев.

Како што вели тој, победничкиот менталитет ќе го пренесе и ќе стане доминантен и во неговата матична партија.

– “Подготвен сум заедно со моите сопартијци да ја поведеме СДСМ во една многу посветла иднина. СДСМ како победничка партија. Ве уверувам, 2-ри јуни е почеток на новиот СДСМ, но воедно и почеток на крајот на владеењето на ВМРО ДПМНЕ. Сепак, за ова да се случи постои само еден суштински услов, што зависи од сите нас во СДСМ, a тоа е достоинствена и цивилизирана внатрепартиска изборна процедура“ – вели Заев.

Како што ветува, тој до крај, доследно и упорно ќе се залага и ќе инсистирам на изборен натпревар базиран врз еднакви и фер услови, ослободен од секаков вид на притисоци, лобирања, групирања, поделби, кавги, непријателства.

– „Само единствен, цврст, сплотен и моќен СДСМ може да му нанесе пораз на нашиот противник. Наш противник е ВМРО ДПМНЕ. Не се тоа нашите сопартијци, членови, делегати, колеги, симпатизери. Уште помалку се тоа конкурентите во овој изборен процес. Јас има целосен респект и почит кон останатите кандидати. Сите тие се мои драги пријатели и блиски партиски сооработници, а тоа ќе бидат и во иднина“ – пишува Заев.

Тој ги повикува своите сопартијци да се издигнат над предизвиците што се надвиснати над нив.

– „Да создадеме амбиент за чесен, квалитетен и содржаен изборен амбиент. Нека победи најдобрата, најтемелната, највизионерската старатегија, програма, кандидат. Нека гласаат нашите делегати врз основа на сопствениот впечаток и убедување. Нека блесне новото, светло лице на СДСМ “– вели Заев.

Тој во текстот се осврнува и на неодамнешата кавга на Извршниот одбор на партијата.

– „Некои велат, реагирам емотивно. Точно е, преемотивен сум кога е во прашање мојата партија и нејзината иднина. Како и досега, така секогаш, со жар и емоции, со љубов и искреност, но и со разум и темелност, со сериозност и посветеност, ќе се вложувам за нејзиниот успех. Не ми треба претседателската функција, ако крај себе немам еден ваков СДСМ“ – завршува во текстот објавен на својата Фејсбук фан страница, Зоран Заев.

Тој претходно во изјава за Либертас ги демантираше и шпекулациите изнесени во емисијата „Во центар“. Тој порекна било какви средби по кафеани во Велес со Владо Бучковски, Стевчо Јакимовски и Цветанка Иванова без знаење на лидерот на партијата, Бранко Црвенковски, на неколку дена пред локалните избори.

– „Ма какви кафеански средби, какви договори или заговори. Зошто ми се Бучковски и Јакимовски кога јас сето тоа што го мислам, отворено и слободно му го кажувам и на лидерот, и на партиските состаноци“ – рече Заев за Либертас.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.