Жерновски:„Општина Центар нема да биде партиска филијала„
Свесен сум дека за време на мојот мандат ке бидам цел на оркестриран напад од власта и од медиумите под нејзина контрола. Од друга страна, истата таа власт мора да разбере дека ништо нема да ме поколеба, бидејќи добив поддршка од граѓаните за да го направиме животот на жителите на Центар подобар и да се справиме со градежната мафија. И се допаѓало или не на власта, и на тие околу неа, сакам уште еднаш јасно да порачам, дека општина Центар нема веќе да биде ничија партиска филијала.
Ова се наведува во реакцијата на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски по барањето од ВМРО ДПМНЕ да одговори кој му нудел мито и бизнис соработка, како што тој изјави во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Според Жерновски, ВМРО ДПМНЕ бара имиња, иако секој граѓанин знае дека е излузорно да се очекува дека институциите ќе постапат без дозвола или нарачка од власта.
Жерновски ја прашува власта зошто не реагира на изјавите дека касата на Центар е празна или за хонорарот на авторите на скулптурите за Скопје 2014 и за тоа кој е нарачателот и извршителот на случајот Пустец./Б.Н.Т