Имотот на градоначалникот останал ист како и данокот што денеска го плати!
Во споредба со изминатиоте четири години, кога ја извршуваше функцијата Претседател на Советот на општината, имотот на градоначалникот Славчо Чадиев останал ист. Тој и денеска плати, по основ на данок на имот, сума од 1.520 денари.
Нему општината му го издала првото решение кое Чадиев го плати за потоа да побара од велешани и тие да ја реализираат граѓанската обврска.
„Ја користам оваа пригода да ги повикам граѓаните да пристапат кон плаќање на даночните решенија. Општината ќе дистрибуира вкупно 18 илјади решенија за данок на имот и комунална такса од кои очекуваме да се соберат околу 25 милиони денари“ рече Чадиев.
Но, на градоначалникот му останува уште една даночна обврска која се однесувана имот кој гласи на неговата сопруга. Чадиев соопшти дека го очекува и тоа даночно решение кое исто така ќе и го плати на општината. Тој соопшти дека ја исполнил и функционерската обврска за пријавување на имотот со кој располага бидејќи немало голема разлика од пред четири години и денес.
„Имам семејна куќа во која живеам, семејна куќа на име на мојата сопруга, стан од 33 м2, еден автомобил, мотор и располагам со колекција од уметнички слики што се дел од мојата страст кон уметноста. Значи нема разлика а во колку се создаде тогаш ќе го пријавам согласно законот,“ рече Чадиев.
Според податоците на општинските служби во Велес има вкупно 18.200 даночни обврзници по основ на данок на имот и комунална такса. Од нив општината очекува да собере вкупно 35.084.003,00 денари. Во изминатите години наплатата се движела помеѓу 70 и 90 отсто и биле собирани околу 25 милиони денари. Тоа е 80 отсто од вкупниот буџет на општина Велес./Б.Н