Од вицепремиерот Бесими новинарите побараа повлекување на законот за медиуми!
Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими ги ислуша забелешките за нацрт законот од страна на Здружението на новинарите на Македонија и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски рабитници.Тоа се случи на неформална средба по повод 3 мај, светскиот ден за слобода на медиумите, јави Радио Слободна Европа.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, побара да се постапи по препораките на Европската комисија и како најдбро решение предложи законот да се повлече. Новинарската фела посочи дека владата донесува закон за кои не се прашани новинарите и во него ги вградила само одредбите од европската легислатива кои се однесуваат на ограничувањето на слободата на изразување.
Бесими од новинарските здруженија побара забелешките и коментарите кои се однесуваат на подобрување на нацртот да ги достават до крајот на месецов, до кога Министерството за информатичко општество и администрација го продолжи рокот за дебата за законот што се подготвува. ЗНМ и на ССНМ сакаат повлекување на законот и побараа од вицепремиерот да го прати нацртот на анализа во Советот на Европа.