Визбите не им платија на лозарите во законскиот рок!
Лозарите од Тиквешијата и после законскиот рок за исплата на грозјето од минатогодишната реколта останаа без пари. Сеуште има визби кои не го платиле грозјето, потврдуваат од „Агротиквешија“. Винарите имаа обврска до 30 април да го платат целосно ланскиот род.
„Винарската визба „Повардарие“ исплати 92 отсто од долгот и сега има долг кон лозарите уште 8 отсто од вкупната сума. За разлика од нив винаријата Аневски од Штип должи околу половина милион евра. Работите со Винеа не се помрднати. Таму состојбата е катастрофална. Нема никакви активности за исплата. Навистина не знаеме дали лозарите ќе си ги земат парите. И во Џумајлија се прават напори да се соберат пари за исплата на лозарите“ рече претсеадтелот на регионалниот сојуз на лозарите“Агротиквешија“ Љупчо Аризанов.
Но не само исплатата на грозјето туку и субвенциите ги мачат лозарите. Сеуште голем дел ги немаат земено парите од државната помош. Тие коментираат дека субвенции се исплаќале само за време на кампањата за локалните избори и дека сеуште огромен број на лозари немаат земено.