Промовирана шесттата книга на Игор Крајчев „Лудило.Писма.Откровение“
Најзрела поетска книга на Игор Крајчев, создадена во момент кога поетот се одделува од останатите поети, од тоа што во поезијата се нарекува стандард и што секој поет не успева да го постигне за целосната негова поезија да стане субјективна работа. Вака првично Проф.д-р Венко Андоновски ја оцени новата книга „Лудило. Писма. Откровение“ на Игор Крајчев.
-Јас таа поезија ја нарекувам поезија на веќе внатрешно формиран поет. Човек којшто ја бара смислата на животот и во некој не земни нешта. Значи, неговите молитви испеани до Бога се врв, можеби и нешто што е најубаво испеано во македонската поезија. Знаете од она егзистенцијалистичко барање на смислата во револуција, во правда на земјата одеднаш Крајчев се свртува кон би рекол теозовска димензија. Има тука и филозофија и теологија. И се бара смислата во едно врвно начело што се вика Источник на смислата. Но, сакам да нагласам дека ова не е религиозна поезија, тесно православна и црквена. Не. Станува збор за филозофското поимање на Бог и колку тоа човекот може да биде Бог. А тоа е вечна, уневерзална порака карактеристична само за големи поети, додаде Андоновски.
Оваа книга најдиректно кореспондира со внатрешноста на авторот, без имагинација, туку со реални чувства, целосно произлезени од емотивните и животни случувања во изминатата година и што најсликовито, низ зборот, го отцртуваат Игор Крајчев.
-Можеби таа искреност на чувствата, што на некој начин произлегле додека ја создавав книгата, придонесоа да биде високо оценета затоа што во неа има многу емоција и филозофија и на некој начин ме опишува мене како човек и како автор. На почетокот започнува со една голема доза на песимизам а завршува на крајот, според мене, многу оптимистички затоа што сметам дека тоа што му фали на човештвото е надеж, додаде Крајчев.
Промоцијата на книгата „Лудило. Писма. Откровение“ се одржа, денеска, во Ликовен салон во Велес пред повеќемина македонски писатели како и поети и писатели што се учесници на 58 Рацинови средби, почитувачи на пишаниот збор, пријатели на авторот и Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
Книгата ја претставија проф. д-р. Венко Андоновски и проф. др Кристина Николовска.
Авторот Крајчев меѓу другото соопшти дека не мирува и дека по едногодишната работа на „Лудило. Писма. Откровение“ веќе работи на седма книга, од нив пет поетски, што очекува да ја заврши во текот на летото.
Убавка Јаневска