Ајнштајн не рекол дека некој е ,,стока” ако му е понудено нешто бесплатно
Рецензираме пост на Фејсбук за процесот на вакцинацијата, што во земјава се спроведува против ковид пандемијата, во обид да се постигне колективен имунитет, а во контекст на се поактуелната и крајно заразната делта варијанта на вирусот.
Постот е илустриран со фотографија од вакцина, а во описот на фотографијата пишува:
Ако некој ти предлага нешто бесплатно, знај дека ти си стока! Aлберт Ајнштајн
Од оваа инсинуација читателот треба да заклучи дека ова е некој од умните цитати на Ајнштајн, меѓутоа, таков цитат не постои, односно Ајнштајн никогаш не споменал ништо во контекстот на статусот што го рецензираме.
Освен тоа, сосема е дискутабилно дали вакцините кои се администрираат во земјава се бесплатни. Да, точно е дека граѓаните не ги плаќаат индивидуално, кога ќе изразат интерес за вакцинација и кога ќе појдат на вакциналното место, меѓутоа тие се платени од буџетски пари со директни договори меѓу Министерството за здравство и производителите, што значи дека се платени индиректно преку буџетот во кој што придонесуваат сите граѓани преку плаќањето на даноците и другите давачки.
Во постот, преку лажно цитирање, односно непостоечка изрека од светски познат научник, се сака да им се пренесе порака на граѓаните кои одлучиле да се вакцинираат, дека на таков начин стануваат ,,стока”, како што се изразува авторката на постот, навредувајќи ги оние кои што го искористиле слободното право на избор да го заштитат своето и колективното здравје. Притоа, не се нуди никаква дополнителна аргументација, освен навредата која им е упатена на овие граѓани.
Во постот, всушност, е искористено манипулирање со јавното мислење, односно се врши поделба на граѓаните во два табора, на оние кои што решаваат да се вакцинираат кои се навредувани, омаловажувани и сегрегирани како неинтелигентни, и на оние другите, кои што, по аналогијата на наративот – се умните, зашто не сакаат да се вакцинираат.
Вакцинацијата во Република Северна Македонија е доброволна и претставува право кое секој граѓанин треба да смее да го оствари без да трпи јавен линч, каков што му е приготвен во овој пост. Антивакциналните наративи се во моментот фокусирани на оние лица кои решиле да го заштитат индивидуалното и колективното здравје. Тоа што вакцините се набавени од државниот буџет претставува стратегија на здравствените власти не само на нашата, туку и на многу други земји во светот. Уште на почетокот од дистрибуцијата на вакцините преку КОВАКС механизмот, се донесе глобалба стратегија за достапност на вакцини за да не бидат лишени земјите кои што не се финансиски толку моќни, односно да се овозможи рамномерна распределба на вакцините. Значи, тоа што граѓаните не плаќаат за вакцинација, не значи дека таа е на некој начин неквалитетна, туку значи дека станува збор за државна заложба на секоја земја во борба против ковид пандемијата.
Со оглед на тоа што во постот има навредливи елементи кон лицата што решиле да се вакцинираат и со оглед на тоа што лажно се цитира непостоечки цитат од Ајнштајн, истиот го оценуваме како невистинит. Особено е иронично да се злоупотребува името на Ајнштајн, чиј изум денеска придонесува за безбедно транспортирање на вакцините.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар