Аце Славевски: „Жената пред ПАБ ја повредив бидејќи изгубив контрола врз возилото кога ме нападна маж за кој подоцна дознав дека е полициски инспектор“

Објавено: 11 април, 2018, во 19:00 часот

Велешанецот со иницијали А.С за кого, на 5 април годинава, пишувавме дека во сообраќајна несреќа ја повреди шеесет годишната велешанка М.Л на главната градска улица „Благој Ѓорев“ кај ПАБ, во Велес, денеска се јави да ја раскаже својата приказна околу причините за сообраќајната несреќа. Тој не го крие својот идентитет. Побара во јавноста да го соопшти својот став со целосно име и презиме. Аце Славевски, има дваесет и осум години и тврди дека повредената жена била жртва на неговиот прогон од страна на полицијата. Велејќи дека денеска во Основниот суд во Велес поднел тужба за користење на прекумерна сила и бруталност од страна на полицијата Славевски рече:

– Жената ја повредив во момент кога врз мене беше употребена прекумерна сила од четворица полициски службеници кои почнаа да трчаат кон моето возило во движење марка „Фолксваген голф“ со велешки регистарски таблици на главната градска улица “Благој Ѓорев“, во близина на ПАБ. Таму имаше голем број на луѓе во тој момент. Бидејќи го возев автомобилот, еден од нив кога го стигна го скрши стаклото на вратата кое се наоѓа од страната на сувозачкото место, успеа да ме зграпчи и почна да ме влече кон спротивната страна од возачкото место. Јас во тој момент ја изгубив контролата врз автомобилот и сум ја удрил жената што веќе била на пешачкиот премин. Јас и не видов точно што се случува затоа што одеднаш ме зграпчија четвори лица ме извадија од „голфот“ и почнаа да ме тепаат. Тие бараа дрога кај мене и во моето возило. „Голфот“ го оставија а мене ме пикнаа во полициско возило со кое прво ме однесоа во полициска станица во Велес. Од таму ме однесоа во велешка болница каде ме прегледа лекарка на интерното одделение особено посветувајќи внимание на мојот стомак, но само констатираше повреди на главата и нагмечувања по телото. Потоа ме препрати на Клиниката за Токсикологија во Скопје. Таму ми земаа анамнеза и ми дадоа да испијам некаква течност која кај мене предизвика нагон за повраќање. Повратив а бидејќи инспекторите не најдоа тоа што бараа ме однесоа на снимање на Компјутерска томографија. Ги добија резултатите и ме вратија назад во Велес за потоа откако обезбедија налог од Основното јавно обвинителство повторно да ме однесат за Скопје на Токсикологија и повторно ме снимија. На крајот околу 1.30 часот ме донесоа во велешка болница и ме оставија да лежам на одделението за дури наредниот ден околу 10.30 часот да ме однесат во полициска станица каде потпишав изјава и потоа ме ослободија. Јас имам криминално досие и тоа не го кријам како што не кријам дека пред шест дена јас немав дрога беше а кон мене беше употребена голема бруталност, рече Славевски.

Неговиот бранител денеска поднел тужба во Основниот суд во Велес. Судот  е институцијата што треба да ја утврди кој ја зборува вистината. /У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.