„Среќно првачиња“ на отпечатена маичка и во искажани пораки го одбележаа првиот училиштен ден во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ (ФОТО)
Шеесетина првачиња денеска за прв пат седнаа во училишните клупи на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ . Тие се распределени во три одделенија. Учениците денеска во училишниот двор ги донесоа родители. Многу насмевки, радосни лица но и по некоја солза се пролеа додека нивните наставнички ги прозиваа а останатиот персонал помагаше во дезифенкцијата на рацете и мерењето на температурата на самиот влез во училиштето. Во училиштето беа запазени сите мерки од протоколот за заштита од Ковид-19.
-Спремни сме за почетокот на оваа учебна година. На наше задоволство и на задоволство на поголем број ученици и родители оваа учебна година ќе имаме настава со физичко присуство. Од аспект на техничко хигиенска подготвеност, спремни сме за отпочнување на оваа учебна година. Ќе искористам прилика бидејќи ова за првачињата е посебен ден и за нас да им го честитам почетокот на нивното школување и да им посакам успех во понатамошната настава, рече директорот на училиштето, Живко Пренџов.
Исто како и за првачињата ова беше посебен ден и за нивните родители. На маичка на детенце имаше отпечатена порака „Среќно прваче“. Воздбудата исто така се чуствуваше и кај родители кои останаа во дворот да ги чекаат своите деца. Секој на различен начин ќе ги понесе впечатоците што ќе останат секако во долгогодишно сеќавање.
Стефани Манева