Во Велес излезност 4,46 отсто, во Чашка 5,74 отсто, во Лозово 5,93 отсто и во Градско 5,79 отсто излезност до девет часот
Сите 82 Избирачки места во Општина Велес, утрово, во 7 часот беа отворени и започна гласањето на седмите Локални избори во државата. На нив право да го дадат гласот за седмиот Градоначалник и седмиот состав на Советот на Општина Велес денеска се очекува да го остварат вкупно 45 илјади 892 избирачи евидентирани во Единствениот избирачки список. Според Претседателот на Општинската изборна комисија Андреј Ќамилов нема посериозни проблеми
–Изборниот процес започна и трае без прекин иако на одредени избирачки места се појавија мали проблеми со апаратите за фингерпринт за кои што беше потребно рестартирање. Избирачките одбори одговорија на предизвикот бидејќи беше потребно рестартирање на апаратите. Во тој временски период од неколку минути избирачкиот процес течеше со тоа што доколку граѓаните кои беа присутни на избирачкото место не можеа да почекаат се примени алтернативен начин на идентификација со земање на отпечаток од перниче и ставање на истиот на Избирачкиот список. Технички лица на ДИК задолжени за помош на Избирачките одбори интервенираа и процесот продолжи да функционира. Тоа се случи само на едно гласачко место во Гимназија Кочо Рацин, додаде Ќамилов.
До 9 часот во Општина Велес гласаа 4,46 отсто или 2.043 граѓани со право на глас.
И во Општина Чашка изборниот ден тече без проблеми на сите 27 Избирачки места на кои денска право на глас имаат вкупно 6.174 граѓани. Тие гласаат на вкупно 27 избирачки места. Претседателот на Општинската изборна комисија Јованче Николовски соопшти дека сите избирачки места се отворени во 7 часот.
-Одзивот до 9 часот изнесува 5,74 отсто или гласале вкупно 354 граѓани со право на глас, додаде Николовски.
Изборниот ден започна со навремено отворање на сите 9 Избирачки места и во Општина Лозово каде денеска гласаат 1.984 граѓани.
-Излезноста на избирачките места до 9 часот изнесува 5,93 отсто или гласале вкупно 116 граѓани, рече Ванчо Пешевски Претседател на ОИК Лозово.
Во Општина Градско денеска на вкупно 11 избирачки места правото на избор на седмиот Градоначалник и состав на Совет на Општината го остваруваат 3.113 граѓани . До 9 часот гласале 5,79 отсто или 180 граѓани со право на глас евидентирани во Единствениот Избирачки список.
Убавка Јаневска