Осумдесет крводарувања на акцијата на ЗГ „Велес Бајкинг“ (Фото)
Петнаесет жени и шеесет и пет мажи ја подадоа својата рака и даруваа крв на втората крводарителска акција која велешкиот Црвен Крст ја организира заедно со здружението „Велес Бајкинг“. Овој број особено ги радува членовите на ова здружение како и волонтерите на Црвен Крст, бидејќи на првата крводарителска акција којашто била заеднички организирана во текот на претходната година биле собрани вкупно 42 крвни единици. Здружението „Велес Бајкинг“ има желба оваа крводарителска акција да прерасне во традиционална.
-Крводарителската акција се одвива во најдобар ред, заинтересираноста е голема, сите граѓани ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19. Вкупно 80 граѓани даруваа крв. Она што посебно не радува е бројот на осумте граѓани кои за прв пат ја подадоа својата рака, даруваа крв и станаа дел од најголемото хумано семејство, рече Александра Здравевска, волонтер на велешкиот Црвен Крст.
Крводарителската акција се одржа во просториите на Ликовен Салон во Велес, со почеток од 10:00 до 15:00 часот.
Стефани Манева