Социјалдемократите во Велес бараат од градоначалникот Колев и пратеникот Здравковски конкретно да се изјаснат за извршен мобинг врз службено лице и за нови 30 вработувања
Повикувајќи се на обврската за јавно, отчетно и транспарентно работење што како функционер на локална власт ја има градоначалникот Марко Колев кон граѓаните како и пратеникот Игор Здравковски, советничката група на СДСМ во Советот на општина Велес, денеска, по една недела од првата прозивка, повторно бара од нив конкретно да соопштеле дали сметаат дека ја злоупотребиле службената положба кога во градоначалничкиот кабинет вршеле мобинг врз службено лице да се откаже од функцијата што ја извршува на институција во Велес.
-Една недела нема доблест да излезат пред велешката јавност и да се произнесат за овој скандал. Единствено, пратеникот Здравковски се изјасни и објави дека неговото присуство во кабинетот на градоначалникот било во склоп на соработката со локалната власт, со што јавно признава дека заедно со Колев вршеле мобинг во канцеларијата на градоначалникот. Господине Здравковски, свесен ли сте дека јавно признавате вршење кривично дело заедно со вашиот другар Колев? Како пратеник, имате платена канцеларија од страна на Собранието во Велес. Јавно прашуваме? Колку граѓани сте примиле во вашата канцеларија? Дали оваа 1,5 година сте влегле во канцеларијата платена со народнн пари?Колку пари сте добиле за работата или подобро кажано неработата на оваа канцеларија, праша советникот Тодор Јаковлев.
Според СДСМ скандалите на новата локална власт во општина Велес не завршувале само со мобинг и притисок туку и со нови вработувања на лица со кои Колев и Здравковски биле во роднински или пријателски врски.
-Во изминативе три месеци има вработено над 30 роднини, пријатели и лица блиски на градоначалниикот и пратеникот. Јавно го повикуваме Марко Колев да излезе пред велешката јавност и да презентира колку партиски војници и колку негови пријатели или роднини се вработени во јавните институции во градот? Господине Колев, не одговарате за својата работа пред Здравковски, туку пред велешани. Охрабрете се и објавете ги јавно вашите партиски вработувања, додаде Јаковлев.
На новинарско прашање од Дума.мк зошто советничката група на СДСМ не го обелоденува идентитетот на личноста врз која, според нив, бил вршен мобингот и биле упатени заканите Јаковлев одговори дека тоа го правеле поради поднесена пријава и започната постапка за остварување на правда од страна на посоченото лице, инаку локален службеник.
Дума.мк побара став од градоначалникот Колев за обвинувањата од страна на советничката група на СДСМ во Советот на општина Велес и се обиде да го контактира на телефон пратеникот Игор Здравковски.
Убавка Јаневска