Камион удри во наплатна кабина на наплатна станица Кадрифаково
Една наплатна кабина е целосно оштетена, две соседни делумно, а уништена е и опрема на наплатната станица Кадрифаково во изградба на автопатот Штип-Миладиновци во сообраќајната незгода што се случи изутрината откако во патарината удри и се преврте камион.
Според првичните информации на Јавното претпријатие за државни патишта, во незгодата е предизвикана голема материјална штета. Во моментов, информираат за МИА од ЈПДП, стручни екипи на изведувачот вршат проценка на предизвиканата штета, а засега не може да се предвиди за колку време ќе биде пролонгирано нејзиното пуштање во употреба предвидено претходно за почетокот на април годинава.
– Во незгодата во целост е оштетена една наплатна кабина и има делумно оштетување на две соседни кабини. Од ударот во кабината предизвикано е оштетување и на опремата на Наплатната станица, односно на самите ленти на кои се поставени наплатните ленти. Конкретно, целосно се оштетени две автоматски бариери – задни рампи, а исто така целосно се оштетени два линиски контролери.Има и оштетувања на друга поставена опрема, како држачи, столпчиња и слично, информира ЈПДП.
Засега не можат да предвидат за колку време ќе се пролонгира пуштањето во употреба на патарината, која беше во завршна фаза на изведување и требаше да биде пуштена во април.
– Изградбата на Наплатна станица Кадрифаково беше во завршна фаза на изведување и требаше да се пушти во употреба во април. Со причинетата штета ќе се направи непланирано одложување на пуштањето во употреба од причина што целосно оштетените делови ќе мора да се заменат со нови. За колкав временски период ќе се пролонгира отворањето на наплатната станица во овој момент не можеме со сигурност да предвивиме се додека не добиеме целосна информација за предизвиканата штета, наведуваат од ЈПДП.
Оттаму апелираат до учесниците во сообраќајот да се придржуваат до посебниот режим на сообраќај на патниот правец Миладиновци-Штип воведен поради градежните работи, да ги почитуваат знаците со предупредување, поставените пластични бариери за пренасочување на сообраќајот, како и поставените сообраќајни знаци со ограничување на дозволена брзина на движење од 20 километри на час.
Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова, претходно информираше дека возачот не е повреден, како и дека нивна екипа ќе изврши увид.
На автопатот Миладиновци-Штип во тек е изградба се две нови патарини, покрај Кадрифаково и таа кај Преод, а требаше да бидат готови до крајот на месецов.