Велес ќе добие „Европска куќа“ за дружба на младите велешани
Поранешното велешко кино „11 октомври“, ќе биде преадаптирано во „Европска Куќа“ во којашто младите граѓани на Велес ќе имаат простор за дружба но и дискусија на важни теми. Според евроамбасадорот Дејвид Гир, којшто денеска беше во посета на Општина Велес, три аспекти се многу значајни за градот Велес и за неговите граѓаните.
-Би сакал да напоменам три аспекти и гледишта на оваа солидарност од страна на Европска Унија. Првиот аспект ги засега младите вп вашата земја. Ние со нетрпение го очекуваме отворањето на првиот Центар за млади, односно, на Европска куќа, во поранешното кино во Велес. Исто така, имаме три куќи на Европа во три градови во Република Северна Македонија, поточно во Скопје, во Струмица и во Крива Паланка. Овие центри се наменети за младите луѓе, кадешто ќе можат да дојдат со цел да дебатираат. Локацијата е наменета за да се води дискусија меѓу младите во вашата земја во врска со важни прашања коишто ги засегаат нив но исто така, да зборуваат и за нивната европска иднина. Доколку ги посетите другите европски Куќи, ширум земјата, ќе може да видите дека многубројни активности се развиваат токму таму и има многу млади луѓе коишто се собираат за многу иновации но и многу забава за младите, додаде Гир.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија истакна дека Европска Унија помага и за сите предизвици коишто се појавуваат како резултат на климатските промени. Постојат планови за промоција на позелени простори и можности за имплементација на зелената агенда за поздрав и поактивен животен стил на граѓаните. Како трет аспект, напомена дека поддршката на Европската Унија е наменета за развој на Општина Велес, односно, за промоција на туризмот.
-Вие имате прекрасна природа, пребогато културно наследство во Општина Велес и преубава животна средина, не заборавајќи го Езеро Младост. Ние како Европска Унија сме имплементирале голем број на проекти околу Езеро Младост како како и во општината коишто со задоволство ќе ги поддржуваме во иднина, додаде Гир.
Во придружба на евроамбасадорот при денешната посета беше и Амбасадорот на Италија во Р.С Македонија, Андреа Силвестри, којшто истакна дека му претставува особена чест што за прв пат е во Велес.
-Како што напомена Амбасадорот Гир, ние се фокусираме на три точки а тоа е имплементација на зелената агенда на Европската унија, на младите и на економскиот и туристичкиот развој на земјата. Јас сум убеден дека овие три точки се клучни за економскиот и туристичкиот развој којшто се во интерес на самата општина, на граѓаните, токму на овие теми имавме многу плодна дискусија со вашиот градоначалник. Ова е моја прва посета во Општина Велес но ќе следуваат и други со цел да можам да уживам во преубавата природа на градот, додаде Силвестри.
Градоначалникот, Марко Колев, го поздрави присуството на двајцата амбасадори и напомена дека младите велешани, со оваа „Европска Куќа“ ќе имаат место за творење и реализација на многу проекти.
-Ние денеска ќе одиме да го посетиме местото во поранешното кино да го видиме просторот, деталите не се договорени но најавата е дека со финансиски средства од Европска Унија и други земји членки вклучувајќи ја и Италија тој простор ќе биде целосно уреден. До крајот на оваа година, се надевам, ќе биде ставен во функција кадешто младите ќе може да се реализираат. Имаме многу содржини, Европска Унија ги помага младите, го помага Велес, додаде Колев.
По пресконференцијата тие заедно се упатија кон просторот во центарот на градот кадешто беше сместено поранешното велешко кино, со цел да го разгледаат.
Стефани Манева