Што поголем број на згрижени деца од рурална средина во градинка и зголемување на платата на вработените за 5 отсто

Објавено: 24 август, 2018, во 12:15 часот

Gradinkasite fin

Со капацитет на згрижување на 40 деца денеска во велешкото село Караслари беше отворен клон на детската градинка „Димче Мирчев“. Сега него го посетуваат половина од предвидениот број на деца но, очекувањата се дека во градинката наскоро ќе бидат згрижени уште толку. За реконструкцијата и опремувањето на објектот што го носи името на ликот од детските сликовници и филмови Пинокио се обезбедени 850 илјади денари од државниот буџет преку Министерството за труд и социјална политика.

Децата од руралните средини да имаат исти можности со своите врсници во градовите и да бидат вклучени во предшколските едукативни програми е целта на отворањето на градинката, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

– Со голема буџетска поддршка од Министерството за финансии досега се отворени 11 а до крајот на годината уште 11 нови капацитети за згрижување на деца. Ова не е нешто што се прави само кај нас туку во целиот регион и во сите европски развиени земји се инвестира во предучилишното образование затоа што е докажано дека навистина кај децата се постигнува поголем успех во основно, средно и високо образование и се зголемува продуктивноста на населението доколку децата почнат со рано учење. Важна е нивната социјализација  и припрема за соочување со општеството. Тоа е нашата владина цел и истата ја реализираме чекор по чекор. Очекуваме дека до крајот на мандатот за 50 отсто ќе го зголемиме згрижувањето на деца во градинка, рече Царовска.

Gradinka Karaslari fin

Клонот „Пинокио“ беше отворен во присуство на Министерот за финансии, Драган Тевдовски и Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.Министерот рече дека паралелно се вложува во градинките како и во кадарот кој работи со децата.

– Од септемвриската плата исплатена во октомври предвидено е покачување од 5%, за сите околу 4.300 вработени во градинките”, изјави Тевдовски. Тој се заблагодари на поддршката на Светска банка, Европска Унија и УНДП за големата поддршка што и ја даваат на Македонија и за згрижување на децата во градинка.

Градоначалникот Коцевски потенцира дека особено ги поддржува проектите со кои се овозможува прифаќање на што поголем дел на деца кои се вклучуваат во предучилишниот образовно воспитен систем.

Dete fin

– Особено ги поддржувам проектите за поголема опфатеност на децата во детки градинки затоа што научно е докажано дека тие покажуваат поголеми резултати во вклучувањето на воспитно образовниот процес и многу полесно потоа се социјализираат и адаптираат. Ова село нема намалување на жители и е многу перспективно а во негова близина се наоѓа и фабриката Маркард чиј најави се дека ќе се зголемува бројот на вработените што значи дека очекуваме во наредниот период да се зголемува бројот на деца што ќе бидат прифатени во овој капацитет, рече Градоначалникот Аце Коцевски.

Велешката градинката „Димче Мирчев“ уште еднаш ќе спроведе анкета за да ја процени потребата на родителите од воведување на двосменско работење на градинките, најави директорката Бранислава Нацева.
Општина Велес не се откажува од веќе соопштениот план да отвори уште еден клон на детската градинка во Велес. За тоа законски е потребна промена на Деталниот урбанистички план на градот кој ќе овозможи со проектна документациа пренамена на дел од поранешното основно училиште „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во седми клон на детската градинка./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.