Министерот Тевдовски: Референдумот нема да предизвика ребаланс на буџетот
Објавено: 24 август, 2018, во 14:34 часот
Осумдесетте милиони денари што Владата ги издвои од резервите за потребите на спроведување на референдумот нема да предизвикаат ребаланс на буџетот, одговори Министерот Драган Тевдовски денеска во Велес на новинарско прашање .
– Ако земете дека вкупната големина на буџетот изнесува 3,4 милијарди евра значи тоа не е нешто што треба да не натера да подготвуваме ребаланс.Тоа е доделено како план за трошење од резервните функции на државата, изјави Тевдовски.
Тој додаде дека за трошењето на средствата овластен предлагач е Собранието и според законот тоа има право да ги користи овие средства.
– Сега е работа на Собранието и според законот тоа има право да ги користи овие средства. Мислам дека има повик до сите пратенички групи да искажат потреба и дали ќе бидат вклучени во кампањата, но тоа е работа пред се на Собранието. Ние обезбедивме средства од овластениот предлагач од Буџетот на Република Македонија, истакна Тевдовски.
Министерот одговори и на новинарското прашање за решението со проблематичните наследени долгови на општините за што рече дека постојано се анализира состојбата и посочи дека освен во единиците на локалната самоуправа со ист проблем се соочува и централниот буџет.
– Ние постојано ја анализираме состојбата, бидејќи не само во единиците на локалната самоуправа, туку и во централниот буџет ние наследивме големи долгови, значи брзорастечки јавен долг, со многу неплатени, а преземени обврски, рече Тевдовски.
Актуелниот Министер за финансии соопшти дека штом завршат со анализата и донесат одлука неа ќе и ја соопштат на јавноста./У.Ј.
