Симовски: Луѓе сме и ние од крв и од месо згрешивме кај верската определба и се извиниме
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вечерва се осврна на техничката грешка во однос на податоците од верската определба во Пописот за 2021 година, за која кажа дека се извиниле и дека таа е искоригирана.
– Во однос на верската определба искорегиравме една техничка грешка која што ја направивме првиот ден на објавување на соопштението. Ни се промакна да не приметиме дека сме направиле пермутација во полето за атеисти и евангелисти методисти. Луѓе сме и ние од крв и од месо и може да се погреши а човечки е и да си ја признаеме грешката и да се извиниме. Апсолутно ни е жал што настана таква грешка и затоа си ја признаваме и се извинуваме. Не сакавме тоа да се случи, меѓутоа се случи, не можеме да го вратиме филмот назад, рече Симовски во гостувањето во Тема на денот на Сител.
Запрашан за бројката од 242.579 граѓани кои на пописот се изјасниле само како христијани рече дека како одговориле граѓаните така е запишан нивниот одговор.
-Попишувачот не смееше да се меша во одговорот на испитаникот. Им беше забрането да се мешаат и да сугерираат одговори. Како е даден одговорот, така се запишало. 240 илјади и кусур граѓани се изјасниле како христијани претпоставувам мислејќи дека се подразбира кога ќе кажат христијани на што се мисли меѓутоа ние мораме да го запишеме податокот прецизно, изјави Симовски.