Википедија повторно организира награден фотографски натпревар „Вики ги сака спомениците 2026“
Објавено: 26 август, 2026, во 08:07 часот
Википедија на македонски јазик и здружението Викимедија МКД го организираат фотографскиот натпревар насловен „Вики ги сака спомениците 2026“. Toa e натпревар за фотографирање градби (куќи, манастири, цркви, џамии, археолошки наоѓалишта, споменици, јавни и општествени градби, и останати места) кои се културно наследство на Македонија.
Право на учество имаат сите што ќе регистрираат (бесплатна) корисничка сметка на Википедија на македонски јазик или на Заедничка Ризница (Wikimedia Commons). Натпреварот се одржува од 1 септември до 30 септември 2026 година.
Сликите откако ќе бидат закачени од самите учесници, тие потоа ќе бидат искористени на статии на Википедија, на останатите проекти на Викимедија, како и на други слободни проекти.
„Целта на натпреварот е обезбедување слободни фотографии на спомениците и заштитените објекти, односно културното наследство во Македонија. Пради тоа, фотографиите мора да бидат од Списокот на градбите прогласени за споменици на културата, односно заштитени објекти,“ информираа организаторите на натпреварот.
Предвидени се четири награди од страна на стручно жири, а вредносните ваучери се обезбедени од Pix+. Наградите се во вид на ваучери во износ од 400, 300, 200 и 100 евра.
Повеќе детали за правилата на учество, видео-упатство за прикачување слики, пријавување, списокот на градбите прогласени за споменици на културата кои може да ги сликате, како и информации за останатите активности во рамки на натпреварот погледнете на следната врска.
Натпреварот во меѓународни рамки прв пат бил организиран во 2010 година од страна на Википедија на холандски јазик, додека на Википедија на македонски јазик се одржува по четврти пат по изданијата во 2014, 2015 и 2021 година.
Убавка Јаневска



