Повисоки плати за 12% за вработените во образование, учениците се враќаат на настава доколку прифати СОНК
Владата и СОНК постигнаа согласност за зголемување на платите во основното и средното образование и во детската заштита.
Доколку предлогот на Владата мине кај мнозинството на членови на СОНК учениците и децата се враќаат во среда на настава односно во градинките.
„Тешки и макотрпни преговори со министрите за образование, труд и социјална политика и премиерот. Направивме анализи на нашите барања доставени до министерствата. Сепак се усогласивме со ставовите и во рамките на можностите на државата и во рамките на она што може да се издвои, дојдовме до заедничи процент на зголемување на платите кој би почнал најдоцна од месец јули со завршување на ребалансот на Буџетот. Станува збор за покачување од 12 отсто на сегашните плати со додатоците кои следуваат врз основа на законите и Колективниот договор. Ова е максимумот кој во овој момент можевме да го издејствуваме“, изјави Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Договорот меѓу Владата и СОНК вклучува и заедничка соработка на креирањето на методологија за раст на платите која треба да биде завршена до крајот на оваа година и којашто ќе се применува од 2023 година, а која ќе е предмет и на општиот колективен договор.
Владата и СОНК се договорија како предмет на усогласување на гранскиот колективен договор да биде вклучена и редовната исплата на регресот за годишен одмор, односно К-15, кој ќе започне да се исплаќа од 2023 година, откако претходно ќе биде потпишан општиот колективен договор со јавниот сектор.
„Се потврди дека само преку дијалог може да се дојде до решение“, реагира Социјалдемократскиот сојуз откако Владата и СОНК соопштија дека постигнале компромис за покачувањето на платите во образованието и во градинките за 12 отсто, со што завршува двонеделниот штрајк на вработените во овој сектор.