Ковачевски: Дополнително кратење 100 милиони евра непродуктивни трошоци од Буџетот
Премиерот Димитар Ковачевски во синоќешното гостување на Сител ТВ најави дека во моментов се работи на ребаланс на Буџетот, кој ќе опфати дополнително кратење на уште 100 милиони евра непродуктивни трошоци.
„Ќе има дополнително кратење на 100 милиони евра непродуктивни трошоци, кои што не мора да се направат оваа година, дополнително на она што беше направено со кратењето од 8% на тековните расходи минатата година и со дополнителните мерки кои што се направија во првите 100 дена од Владата за ограничување на трошоците“, посочи Ковачевски.
Тој додаде дека се планира до крајот на мај да биде завршен ребалансот на Буџетот и да биде ставен во собраниска процедура.
„Во моментот, исто така се разгледуваат и сите опции за покривање на тој дефицит, бидејќи во овие времиња и цената на капиталот расте“, истакна Ковачевски, кој нагласи дека сите разговори коишто се водат, сè со цел да се обезбедат финансиски средства со најниска можна цена на капиталот на пазарот во овие услови.