Отворен мостот на Пељешац (видео)
Пељешкиот мост, најголемиот хрватски инфраструктурен проект финансиран од фондовите на Европската унија (ЕУ), денеска беше свечено отворен.
Мостот е дел од проектот „Патно поврзување со јужна Далмација“ и ќе ги поврзува копното и Пељешац, а со тоа и југот на Хрватска, со остатокот од земјата, јавува агенцијата Мина, повикувајќи се на Index.hr.
Владата во февруари 2017 година донесе одлука за финансирање на тој проект, односно за изградба на мостот, проектна документација и кофинансирање со средства од ЕУ.
Сепак, уште пред тоа, уште во мај 2013 година, Европската комисија (ЕК) нареди прелиминарна физибилити студија која покажа дека Пељешкиот мост е најдоброто решение за поврзување на југот на Хрватска со остатокот од земјата.
Со усвојувањето на одлуката за финансирање, Европската комисија се согласи да издвои 357 милиони евра за проектот, чија вкупна вредност е околу 420 милиони евра.
Мостот го изгради кинеската компанија China Bridge and Road Corporation, а со подигање на последниот, 165-ти сегмент од челичната конструкција на распонот, мостот беше целосно поврзан на 29 јули минатата година и се протега од Комарна на копното до Бријешта на Пељешац.
Rimac Nevera ќе стане првиот автомобил што ќе го помине мостот на крајот на денешната еднодневна церемонија.
Од другата страна на мостот, од Бријешта, автомобил ќе тргне со поранешниот трикратен европски шампион во планински трки Нико Пулиќ.
Пељешкиот мост е отворен за посетители од 10 часот.