Филмскиот фестивал во Венеција ќе собере многу ѕвезди: Кои филмови ќе се во трката за Златниот лав?
79. филмски фестивал во Венеција ќе биде домаќин на мноштво познати личности. Фестивалот ќе се одржи од 31 август до 10 септември. Во трката за престижниот Златен лав за најдобар филм, ќе се натпреваруваат 23 филма.
Оваа година фестивалот е замислен како „прозорец отворен кон светот“, рече уметничкиот директор и филмски критичар Алберто Барбера во онлајн презентацијата, особено осудувајќи го притворот на тројцата филмаџии во Иран.
Во конкуренција ќе биде филмот на еден од нив, Џафар Панахи, кој треба да одлежи шестгодишна затворска казна за „пропаганда против режимот“. Името на филмот е „Kherst Nist“ или во превод „Мечките не постојат“.
Франција е особено добро застапена
Франција годинава е особено добро застапена со дури пет филмови во конкуренција како „Les enfants des autres“ на режисерката Ребека Злотовски со актерката Вирџини Ефира во главната улога, „Un couple“ од Фредерик Вајсман, „Les Miens“ семеен филм на Рошди Зем, „Athena“ на Ромен Гаврас и „Saint Omer“ на режисерката Алис Диоп, првиот филм за чедоморство.
Францускиот режисер и писател Флоријан Зелер им понуди улоги во неговиот филм „Le fils“ на актерите Хју Џекмен, Лора Дерн и Ентони Хопкинс.
Доаѓаат многу познати личности
Ниту годинава нема да недостигаат ѕвезди на црвениот тепих. Шпанската актерка Пенелопе Круз е протагонистка во италијанскиот филм на Емануеле Криалезе насловен „The Immensity“, додека Австралијката Кејт Бланшет игра диригент на оркестар во „Tár“ на Тод Филд.
Оваа година фестивалот ќе го одбележи и враќањето на Дарен Аронофски со филмот „The Whale“ во кој главната улога ја толкува Брендан Фрејзер. Уште едно големо режисерско име – Мексиканецот Алехандро Гонзалез Ињариту, на фестивалот ќе биде претставен со „многу личен“ филм.
Долгоочекуваниот „Bones and All“ на Италијанецот Лука Гвадањино има холивудска екипа, од Тимоти Шаламе до Клое Севињи. Британката Тилда Свинтон се појавува во „The Eternal Daughter“ на Џоана Хог, а Колин Фарел е главниот актер во „The Banshees of Inisherin“ на Мартин Мекдона.
Филмот „Blonde“ на Ендрју Доминик, инспириран од животот на Мерлин Монро со Ана де Армас во главната улога и Адриен Броди, несомнено ќе привлече внимание, а честа да го отвори натпреварувачкиот дел на фестивалот ќе го има филмот „White Noise“ на Ноа Баумбах, со Адам Драјвер и Грета Гервиг.