Во Македонија годинава за 75 отсто повеќе туристи од лани
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски очекува годинава да биде заокружена со зголемен број на туристи и ноќевања, како и со раст на девизниот прилив.
Според него, позитивните резултати се веќе видливи.
-Статистичките податоци покажуваат дека бројот на туристите во периодот јануари – јуни 2022 година е зголемен за 75 проценти во однос на истиот период лани. Кај домашните туристи зголемувањето е 25,4, а кај странските 131,3 отсто. Раст има и кај ноќевањата за 66,3 отсто или кај домашните за 29 проценти, а кај странските за 109,2 отсто, рече Јаневски на прес-конференција на која ги презентираше Стратешкиот план и Програмските активности на Агенцијата за 2023 година.
Тој потсети дека по пандемиската 2020 година, кога вкупниот девизен прилив изнесувал 252 милиони долари, во 2021 имало раст од 52,7 отсто (385 милиони долари), а годинава се очекува уште поголем прилив.
-Очекувањата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2022 година се дека ќе има регистриран раст во поглед на бројот на туристи и ноќевања, како и раст на девизниот прилив по основ на туризам, напомена Јаневски.