Д-р Жан Митрев дал гаранција од милион евра во кеш дека нема да избега од државата
Во Основниот Кривичен суд во Скопје кардиохирургот и сопственик на приватна болница д-р Жан Митрев дал гаранција од 1 милион евра во кеш дека нема да избега од државата. Против него се води истрага под сомнение за измама на пациенти, отворена пред неколку месеци по објавата на документарецот „Нечиста крв“ на ИРЛ кој се однесува на пациенти во приватната болница кои од ковид биле лекувани со хемофилтрација. Поради опасност од бегство на д-р Жан Митрев во август му беше одземен и пасошот.
Шефот на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски денеска на средбата со новинарите информираше одземениот пасош и паричната гаранција од милион евра се доволни за да се обезбеди присуството на осомничениот доктор.
Според Бубевски досега обвинителството сослушало 80 отсто од пациентите кои пријавиле дека се оштетени, а истражната постапка за случајот би требало да заврши за два до три месеци.
Осомничениот, како што соопшти Јавното обвинителство, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од Ковид-19 со методот на хемофилтрација.
Бубевски се осврна и на кривична пријава против поранешната шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска за злоупотреба на службена должност и додаде дека е сослушан и поранешниот шеф на Финансиската полиција Арафат Муареми.
Финансиската полиција и Муареми поднесоа кривична пријава против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска за како што тврдат, нелегален претрес во Управата. Во наредниот период, како што рече Бубевски, ќе се испитуваат и пријавените лица, односно Русковска, Трајчева и Јосифовска.
Во однос на другите предмети кои ги работи обвинителството, за судскиот процес за несреќата кај Ласкарци, Бубевски рече дека супер вештачењето кое го побарал судот го блокира процесот. Тој додаде и дека пред една недела го добиле и предметот за случајот МПМ и сега треба да биде распределен кај обвинител. Најмногу кривични пријави, како што информираше Бубевски, има за дела против сообраќајот- 1056, потоа против имот- 838 и против живот и тело- 315.