Голема посетеност на заедничката изложба на четворицата велешки ликовни уметници (фото)

Објавено на 24 декември, 2022 во 12:41
Фото: Отворање на изложбата во Ликовен салон

Преку триесет дела на четворицата еминентни ликовни велешки уметници коишто творат во различни ликовни правци, вчеравечер, можеа да се видат во Ликовен салон во Велес. Спасе Пековски, Живко Пренџов, Александар Мијал кои работат сликарски и графички техники како и Илчо Стојановски – Илко единствениот склуптор меѓу нив преку оваа заедничка изложба дадоа можност за едно ретко ликовно доживување во градот.

Фото: Елица Николова заедно со Живко Пренџов, Илчо Стојановски и Спасе Перовски

– Изложбата во својата конепција има за цел да ја презентира силината и индивидуалноста на ликовниот ракопис на секој од авторите. Овие автори преку својата активност веќе се препознатиливи и пошироко во регионот на меѓународен план, преку своите изложби и учества на повеќе колонии во земјава и надвор од неа ја промовираат македонската ликовна култура. Уште една нишка која ги поврзува авторите е што во еден пократок или подолг временски период имале успешна, наставно – педагошка дејност, рече Елица Николова куратор на изложбата.

Фото: Отворање на изложбата во Ликовен салон

Во името на сите автори, за големата заинтересираност од страна на присутните граѓани се заблагодари велешанецот Живко Пренџов. На отворањето на изложбата од четворицата ликовни уметници не беше присутен само Александар Мијак којшто се наоѓа надвор од државата.

Фото: Отворање на изложбата во Ликовен салон

-Овој Ликовен салон многумина со право го нарекуваат храм на уметноста. Во мое име и името на моите колеги сакам да изразам големо задоволство и благодарност што одвоивте од вашето време и сите заедно имаме можност да уживаме во нашите дела, слики, графики и склуптури. Верувам дека магијата на говорот на бојата, формата и светлината во изложените ликовни дела ќе не држи во добро расположение во овие претстојни претпразнични денови, додаде Пренџов.

Фото: Отворање на изложбата во Ликовен салон

Изложбата е организирана од страна на Народен Музеј Велес како дел од проект поддржан од Министерство за култура.

Стефани Манева  

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.