Златен јубилеј на ОУРЦ „Маца Овчарова“ Велес: „Секоја цел во животот и во професијата е остварлива особено ако е хумана и благородна“ (фото и видео)
Со издадена монографија „50 години раст и развој низ лавиринтот на детскиот свет“, организирана културно уметничка програма, ликовна и изложба на изодениот пет децениски развој, вчера вечер, ОУРЦ „Маца Овчарова“ го одбележа пет деценискиот јубилеј. Вредниот и професионален работен колектив кој постоел и постои за да ги совлада сите детски бариери и од учениците да создава општокорисни граѓани на локалната заедница уште еднаш докажа дека за него нема друга цел освен работа со посебни, уникатни, среќни ученици и нивни родители.
„Низ изминатите 50 години, професионално и одговорно, секогаш до и покрај учениците ги едуцираме, воспитуваме и рехабилитираме. Ги подготвуваме на патот на зрелоста и иднината да бидат рамноправни членови во локалната и пошироката заедница. Упорноста, ентузијазмот и амбициозноста на наставниците, дефектолозите, специјалните едукатори и рехабилитатори, стручните соработници, воспитувачите, негувателите заедно со севкупниот кадар на училиштето започнува со самото негово формирање во далечната 1973 година. Тоа трае до денеска и ќе продолжи да трае во годините кои следат. Лично сум горда што сум дел од севкупниот успех и ентузијазам којшто постојат во училиштето, рече директорката м-р Мирјана Петрушевска.
Таа за вака успешната приказна се заблагодари и на родителите на учениците како и на сите досегашни соработници на училиштето. Исто така во името на работниот колектив Петрушевска постхумно им додели Благодарници на основачите на ПОУ„Маца Овчарова“ и ги врати сеќавањата на велешани на личностите како што се првата директорка Мира Величкова, Ангел Љутков, Ѓоре Поп Стефанов, Орце Ржаров, проф. Д-р Љупчо Ајдински, проф д-р Славчо Ќерамитчиев и единствениот жив меѓу нив Борис Митев.
Особено интересено беше искажувањето на поранешниот ученик Јован Андов со кого училиштето и денеска се гордее, како и на неговата мајка Лидија Андова.
Специјалниот едукатор и рехабилитатор Марија Давчевска пред присутните на свеченоста ја промовираше монографија „50 години раст и развој низ лавиринтот на детскиот свет“, што ја уреди Соња Гаврилова со уредувачкиот одбор составен од Мирјана Петрушевска, Марија Давчевска и Татјана Попова.
Во културно уметничката програма присутните имаа можност да ги запознаат сите ученици на ОУРЦ „Маца Овчарова“ во заедничките настапи со Балетско студио „Анабела“, Хорот на ООУ„Блаже Конески“, ОМУ„Стефан Гајдов“ и актерите на велешки Театар ЈКХ „Џинот“. Како и во настапите со гостите од КУД „Стоби“ Градско и Фолклорен Ансамбл на образовни асистенти од Кавадарци. Златниот јубилеј беше отворен со изведбите со изведбите на македонската и химната на Велес од страна на Младински црковен хор „Свети Кирил и Методиј“.
Убавка Јаневска
фото: