Полна сала, громогласен аплауз повеќе од 15 минути на премиерата „Нема струја за електричниот стол“ во театарот ЈХК „Џинот“ (фото)

Премиерата на претсавата „Нема струја на електричниот стол“ којашто се одигра на сцената „Петре Прличко“ на 8 април, во саботата, во велешкиот театар беше целосно распродадена. Полната сала со публика којашто громогласно ракоплескаше и повеќе од 15 минути по изведбата на претставата, уште еднаш потврдува дека велешани го сакаат театарот и ја негуваат културата во градот.
Приказната на претставата е сместена сред апокалиптична околност во која се сместени двата ликови – оној кој е осуден на смрт со електричен стол и оној кој треба да ја изврши осудата. Оваа црна комедија маестрално беше изведена од страна на Васил Зафирчев и Исидор Јованоски.


Васил Зафирчев со покриени очи, со заврзани раце и нозе, во текот на целата претстава извонредно го долови ликот на „Осудениот на смрт“. Додека, Исидор Јованоски, преку ликот Леонард, ја презентира психолошката промена на ликот од суров во чувствителна жртва.
Овој мултимедијален проект има за цел да ги преиспита границите меѓу сценското дејство, филмскиот израз и видеоанимацијата преку постојаното претопување на различните медиуми во единството на театарската претстава.



Музиката во текот на целата претстава за изведува во живо од страна на Сашко Костов.
Пиесата „Нема струја за електричниот стол“ е од современиот бугарски писател Александар Секулов, во режија на Дејан Пројковски.



Првата реприза на претставата ќе биде одиграна утре, 11 април, со почеток во 20:00 часот. Билети за утрешната изведба на претставата можете да се купат и онлајн на следниот линк: https://www.karti.com.mk/nema-struja-za-elektricniot-stol , како и на билетарницата на театарот, секој работен ден од 10:00 до 14:00 и од 18:00 до 20:00.
Стефани Манева
