Езеро „Младост“ пофалено на националната српска телевизија, но не и стигнувањето до него
„После наплатната рампа Сопот, на автопатот низ Македонија, веднаш позади еден жбун ќе воочите патоказ на кој пишува „Езеро Младост – Хотел Романтик“. Ви предлагаме да направите подолга пауза пред да го продолжите патувањето кон Грција. Но им предлагаме на сопствениците на објектите, покрај „езеро Младост“ да влијаат да се среди патот што води кон угостителските објекти. Од година во година состојбата е се покатастрофална. Ако некому му посакате „добредојде“ и имате одлични ресторани, хотели и апартмани тогаш убаво ќе биде до нив да има пристоен приод, пат. Како што реков, навистина катастрофален е патот до „Езеро Младост“ а овде се градат велелепни објекти. Покрај хотел „Романтик“ до каде сега возиме овде е се така убаво. Затоа е невозможно никој да не може да го среди патот“, рече новинарот Младен Алвирович.
Вака Алвирович во емисија „САТ патрола специјал“,емитувана на националната српска телевизија во неделата, на 4 јуни, годинава, од 25:00 до 26:30 минута, го престави делот од автопатот низ Македонија поточно приодот до „Езеро Младост“ кога се влегува од страната на автопатот Скопје – Велес. Емисијата е гледана во соседна Србија затоа што соопштува информации неопходни при патувањето на тамошните граѓани кон соседна Грција.
Авирович ги пофали убавините на велешко езеро, им ги препорача на граѓаните на Србија но упати забелешки за состојбата со патот од исклучувањето на автопатот до „Езеро Младост“. Во видео материјалот се прикажани дупките во асфалтот кои преставуваат сериозен проблем додека се вози по него за да се стигне до мотелот и хотелите каде граѓаните на Србија прават пауза на пат до летувалиштата во Грција. Авирович ги пофали убавините на велешкото езеро но исто констатираше дека невозможно е никој да не може да среди вака значаен и краток пат.
Патот од исклучувањето од автопатот Скопје – Велес до езеро „Младост“ е пократок од 1 км. Кога ќе се поправи, го прашавме Министерството за транспорт и врски кое преку издвојување на финансиски средства и префрлање на ЈП Државни патишта, гради или поправа патишта. Од таму ни соопштија дека поправката на овој краток пат не е планирана во програмата за 2023 година како и дека бил поправан пред неколку години.
“Штом бидат обезбедени финансиски средства приодот до езеро „Младост“ од автопатот ќе се поправи,“ кусо соопштија од министерството, но не го дефинираа точно времето на поправка.
Во моментов, приодот кон езерото од страната на Велес се реконструира. Министерството за транспорт и врски го поправа патот како дел од изградбата на паралелен со автопатот Велес – Скопје. Општина Велес, со финансиски средства на Европска Унија како дел од проектот „Смарт езеро Младост“ пред околу две ипол години го асфалтираше патот до винарија „Сопот“, но овој дел, пократок од 1 км, остана непоправен. По дел од него возат и велешани кои изградија куќи,вили и хостели на езерскиот брег позади мотелот и хотелот „Романтик“ како и двата угостителски објекти.
По објавувањето во емисијата „САТ патрола специјал“ овој приод од автопатот потребно е да стане значаен за сите кои го користат како и за институциите кои за велешко езеро зборуваат дека треба да прерасне во важен транзитен туристички центар на Македонија.
Убавка Јаневска