Дариа Нацева: „Целам кон тоа, секоја рачна изработка да е уникатна бидејки во секоја вложувам многу љубов а и талент од Бога“
Кога уметноста како што е музицирање на клавир или пијано ќе ги споите со изработка на рачни ракотворби тогаш секој ден може да ви биде прекрасен. Затоа што инспирацијата што тоновите кои ги продуцира пијаното го исполнуваат домот и во исто време спокојот и мирот на душата кои на талентираната личност и овозможуваат да создава бесценето богатство како што се рачните изработки. Вака некако може да се опише нашата сограѓанка Дариа Нацева. Таа е уметник во душа и во исто време ракотворка.
Кога ќе ја прашате која сте вие, Нацева, кратко ќе ви одговори дека е Русинка со потекло од Приднестровје, која живее во Велес како среќно мажена жена. Додека на прашањето како нејзините две раце создаваат уметност од рачни изработки таа ќе ви одговори:
-Интересот за ракотворби кај мене се појави додека гледав како мојата мајка ги изработуваше различните украси и предмети додека пак баба ми беше одлична плетачка. Тие беа и се мојата инспирација. Ќе ви откријам дека јас во мојата родна земја додека се образував го имав и предметот домаќинство и на часовите ние од деца изучувавме разни техники на везење и плетење. Практично плетевме и везевме што секако ја поттикна мојата љубов кон овој вид на уметност што потоа се надоградуваше и остана да ја негувам до денешен ден. Овој предмет во образованието на учениците во мојата родна земја постои и сега. Сметам дека е одличен начин што учениците од мали нозе се поттикнуваат како на уметнички вештини во создавање на рачни изработки така и во домот бидејќи тие учат да подготвуваат храна и разни други домаќински работи, додаде Дариа Нацева.
И таа е дел од Креативките на Фондација „Фокус“ чии рачни изработки вреди да се имаат во сопствениот дом. Инспиративната Дариа е особено убаво да ја слушате како добро го зборува македонскиот јазик освен мајчиниот, руски. Додека ја подготвувавме оваа приказна за неа таа ја стави на располагање големата по број и разновидна колекција на рачни изработки коишто љубителите на базари ја имаат видено како во Велес така и во повеќе македонски градови па и во Скопје каде Дариа Нацева често излага и продава рачни изработки.
-Јас создавам ракотворби со разни техники како што се оригами, плетење, везење, шиење, канзаши, макраме, декупаж. Изработувам кукли, играчки, сувенири, додатоци за облеката и бижутерија. Освен личната инспирација што ја добивам додека музицирам многу често ме инспирираат туторијалите на You Tube како и фотографиите коишто се објавуваат на социјалните мрежи Pinterest и на Instagram, таму има многу интересни идеи за се, додаде Дариа.
Оваа вешта уметничка открива дека во последно време плетењето и претставува посебен предизвик. Нејзините раце со помош на плетачките игли и вуницата создаваат разновидни рачни изработки што љубителите можат да ги видат на нејзината лична фејзбук страница Дари – Арт.
-Во последното време се занимавам само со плетење на сувенири, играчки и кукли. Ја користам само македонската вуница од „Тетекс“ за создавање на рачните ракотворби како и памукот за полнење на перници за другите видови на рачно изработени украси. Процесот на изработка многу е едноставен. Прво ја барам или создавам шемата за играчките како што се куклите за потоа да ги применам во изработката поточно во процесот на плетење. Штом завршам со плетењето следи делот на украсувањето за што однапред одбирам и купувам материјали како што се на пример ленти или слично. За да изработам ракотворба потребни ми се неколку часови но постојат и такви којшто ги изработувам во времетраење од неколку денови. Се зависи од големината и степенот на сложеноста на работа. Целам кон тоа секоја рачна изработка да е уникатна, бидејки во секоја работа вложувам многу љубов а и талент од Бога, додаде Нацева.
И може да се пофали од заработката преку онлајн продажбите затоа што фејзбук страница Дари – Арт е препозната од многу жени во Македонија.
-Но многу ми недостасуваат базари за рачни изработки, каде што би можеле граѓаните да ги видат во живо моите ракотворби. Тоа чувство што ќе се појави кога изработките ќе се допрат неможе да се спореди со фотографиите објавени на интернет. Допирот ги пренесува сите позитивни емоции со кои е создавана рачната изработка потоа ја пренесува позитивната енергија што јас ја имам додека создавам. Ќе ви откријам дека јас секој ден ги барам новите инспирации од интернет и ги забележувам во мојата папка „Сандаче со идеи”. Потоа ги претворам во ракотворби. И можам да направам играчки или кукли по испратена фотографија. Инаку би сакала се што знам и умеам да споделувам со други заинтересирани сограѓанки и да ја пренесам мојата уметност како и стекнато искуство за изработка на ракотворби. Им стојам на располагање доколку сакаат да научат и им порачувам дека тоа е навистина племенита од една а од друга страна многу убава работа за да се исполни слободното време, рече Дариа.
И освен што не може да се замислам денот да и помине без изработка на ракотворби Нацева има време и за музицирање како и за создавање на композиции што многу често ги изведува на клавир или на пијано. За крај слушнете една композиција од You Tube каналот на Дарија Арестова Нацева.
Убавка Јаневска