Давчевска: Што значи самодовербата за дете со интелектуална попреченост?

Објавено на 24 мај, 2025 во 10:01

Како да ја градиме самодовербата кај деца со интелектуална попреченост

Децата со интелектуална попреченост често се соочуваат со предизвици кои влијаат на нивната самодоверба од потешкотии во учење, преку социјална исклученост, до недоволно прифаќање од околината. Но, со правилен пристап и искрена поддршка, секое дете може да изгради позитивна слика за себе и да се чувствува вредно, прифатено и способно. Нашата улога како родители, наставници и општество е да му помогнеме на детето да верува во себе. Самодовербата кај овие деца се гради преку мали, но значајни искуства, кога некој ќе го пофали нивниот труд, кога ќе успеат да завршат задача, кога ќе бидат вклучени во група или ќе донесат сопствена одлука. Тоа се моменти кога детето се чувствува „како сите“, но и ценето поради тоа што е уникатно и посебно.

Како специјален и едукатор и рехабилитатор, споделувам пет совети за поддршка и јакнење на самодовербата кај дете со интелектуална попреченост:

  1. Препознај и негувај го она во што е добро

Децата често се дефинираат според нивните потешкотии. Но секое дете има барем една силна страна, било тоа да е цртање, движење, меморирање, грижа за другите или чувство за ритам. Охрабрете го, поттикнувајте го и вклучете го во активности каде може да учествува.

2. Секој успех е важен, дури и најмалиот

Големите цели може да изгледаат недостижни. Затоа, поделете ги задачите на мали, остварливи чекори. Секоја завршена активност претставува основа за нова увереност. „Го направи тоа сам!“, „Проба, и успеа!“, тоа се пораки кои градат самодоверба.

3. Пофалете го трудот, не само резултатот

Фокусирајте се на обидот, вложената енергија и упорноста. Наместо да велите „Браво, точен одговор!“, кажете „Ми се допадна како размислуваше“ или „Се потруди навистина многу“.

4. Дајте му можност за избор и одлучување

Кога му дозволуваме на детето да избере што сака да облече, со што ќе се игра или кој цртеж да го обеси на ѕидот, му покажуваме дека неговото мислење е важно. Ова создава чувство на вредност и независност.

5. Користете позитивен јазик и поддржувачка атмосфера

Децата со интелектуална попреченост може побавно да обработуваат информации, затоа користете јасен, едноставен говор и визуелни поттикнувачи. Избегнувајте критика и споредби секое дете има свој пат и свој ритам на развој.


Детето со интелектуална попреченост може да избегнува нови активности, да се повлекува или да биде вознемирено. Од друга страна, дете што верува во себе е поотворено за учење, социјални контакти и нови искуства. Со поддршка од возрасните, децата со интелектуална попреченост можат да развијат цврсти основи за личен раст и самостојност.
Самодовербата не се случува преку ноќ. Таа се гради чекор по чекор, со љубов, трпение и вистински моменти на поддршка. Секое дете заслужува да слушне: „Ти можеш. Јас верувам во тебе.“

Марија Давчевска

Специјален едукатор и рехабилитатор,

Наставник – ментор

Реедукатор на  психомоторика

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.