Проф. д-р Ќимова: Малите чекори водат до големи промени
Дали некогаш сте се запрашале навистина колку сте во право за работите за кои сте убедени? Дали вредностите по кои живеете се правилни? Дали стилот на живот ви е „во граници на нормала“? А што воопшто е нормaлно денес?
Во светот во кој живееме, преполн со секакви предизвици насекаде, ,,фејк,, содржини и површни личности, големи апетити за лесна заработка, желби за престиж, внимание и доминација често си поставуваме вакви прашања. Исто, знаеме дека голем број од секторите во државата во која живееме се несоодветни, а времето, со сите иновации, интернетот и „новите нормалности“, не секогаш оди во наша полза. Иако реалноста може да изгледа мрачна, постои трошка надеж дека работите можат да се подобрат. Но, прашањето кое останува е: од каде да почнеме?
Промената започнува од микрониво. Првиот чекор кон подобрување на светот околу нас започнува со нас самите. Потребно е да направиме искрен и конструктивно критички осврт на нашите сопствени аспекти на гледање на животот, да ја преиспитаме нашата свест, да се отвориме кон нови видици и перспективи. Ова бара вложување на напор за личен развој, информирање и едукација. Тоа не мора секогаш да биде формално, може да биде и неформално – преку читање на корисни материјали, присуство на обуки, или едноставно преку следење на позитивни примери колку и да се далеку, со слушање на инспиративни луѓе кои носат промени.
Време е за избор на квалитетни содржини. Во ерата на информации, често сме изложени на треторазредни содржини – бескрајно скролање по социјалните мрежи, он лајн игри, гледање турски серии, реални шоуа кои немаат вистинска вредност, а немаме доволно време за себе, за децата, за блиските. Време е свесно да го насочиме нашето внимание кон корисни и едукативни информации. Овој избор е одговорност која ќе донесе подобрување во нашето секојдневие. Зошто да не го замениме времето за бесцелно скролање со читање на книги за личен развој, слушање предавања, или истражување нови хобија?
Подигнување на менталитетот бара време вложено во себе. Подобрувањето на општеството не е индивидуален процес – тоа е колективна обврска. Но, секој поединец може да придонесе со тоа што ќе внесе љубезност, почит и емпатија во секојдневните интеракции. Потребно е да изградиме култура на поддршка, разбирање, споделување на правилни вредности и позитивни примери. Една мала промена во ставот или однесувањето може да има големо влијание врз луѓето околу нас.
Оптимизам сепак мора да постои. Тоа е одлика на луѓе со висока емоционална интелигенција и се учи. Со вакви мали, но значајни чекори, можеме да го изградиме патот кон посветла иднина. Важно е да веруваме дека промена е можна, да веруваме во себеси и во луѓето околу нас. Сонцето на надежта ќе изгрее, но прво треба да направиме простор во нашите животи за позитивни промени. Тоа ќе донесе не само индивидуална сатисфакција, туку и колективно подобрување на општеството.
Запомнете, патот кон подобрување започнува со мал чекор – со нас самите. Време е да направиме избор. Време е да почнеме.
проф.д-р Ѓорѓина Ќимова
Професор на Меѓународен Славјански Универзитет „Свети Николе“
Свети Николе , Република Северна Македонија