Промоција на книгата „Шардоне и шпагети карбонара“ на авторката Марта Димитров во Кавадарци
5.10.2020
Во рамките на Фестивалот на европската литература „BookStar 2020“ ќе се одржи промоција на книгата „Шардоне и шпагети карбонара“ од младата македонска авторка Марта Димитров.
Книгата ќе ја промовира рецензентката Цветанка Колева, а модератор на настанот ќе биде Диме Коцевски.
„Шардоне и шпагети карбонара“ е навидум љубовен роман, во кој се вплеткуваат приказните за Миа и Милан како пријатели и за Ксенија како девојка на Милан. Освен случувањата околу овие две релации – пријателската меѓу Милан и Миа, и љубовната меѓу Ксенија и Милан, низ романот се отсликува и хобито на главната хероина како млада писателка. Вагајќи низа свои постапки, ликовите констатираат дека зрелоста нема врска со годините, туку со себенадминувањето во обидот да се спречат егото и ароганцијата. Но истовремено ова е роман и за истрајноста во борбата со себе и своите демони, бидејќи, кога кршиме мразови, не треба никој да нè држи за рака затоа што се потребни двете раце и сета сила. Марта Димитров одлично психолошки ги портертира ликовите доловувајќи ги нивните најдлабоки дилеми и стравови. Умешно проникнува во срцевината на нивните проблеми и раскажува една убава и топла приказна за љубовта, пријателството, лојалноста.
Со оваа книжевна промоција, издавачката куќа „Антолог“ уште еднаш потврдува дека и во овие тешки времиња ги поддржува младите македонски автори и нивните книжевни дела.
Промоцијата ќе се одржи, вечерва,5 октомври 2020 година, со почеток во 19 часот, во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, родниот град на авторката./А.Д