54 ученици од Велес ги оживеаја старите занаети во спомен-куќите на градот

Во амбиентот на велешките спомен-куќи, 54 деца од сите основни училишта во градот беа дел од работилници за грнчарство, столарство, копаничарство, ткаење и изработка на накит, оживувајќи ги овие стари и речиси заборавени занаети во рамки на проектот „Етно креативни работилници Велес 2025“. Десет дневните работилници беа спроведени од искусни мајстори, кои со своето знаење и вештини им ја доближија традицијата на најмладите.

Работилниците се одвиваа во традиционален амбиент – грнчарството во работилницата на Кочо Рацин, столарството во работилницата на Васил Главинов, а копаничарството, ткаењето и изработката на накит во куќата на Касапови. Преку креативна и практична работа, децата се запознаа со старите занаети, а истовремено ја открија својата креативност.

-Целта на проектот ни е некако да ги воскреснеме овие подзаборавени занаети и да предизвикаме желба кај некои од децата во иднина да се занимаваат со нив. Оваа генерација беше исклучително активна и креативна, со голема желба за работа, што се гледа и по квалитетот на нивните изработки, изјави Гоце Станчев од здружение „Разбој“, координатор на проектот.
Како круна на десетдневната работа, во саботата се одржа завршниот настан во куќата на Касапови. На изложбата беа претставени изработките од сите пет работилници, а на учесниците им беа доделени благодарници за учеството. Настанот го проследија родители, роднини и пријатели, кои имаа можност одблиску да ги видат делата на децата.

Проектот „Етно креативни работилници Велес 2025“ се реализира по десетти пат и е финансиски поддржан од Министерството за култура преку програмата за креативни индустрии, како и од Општина Велес.
Стефани Манева


