Изложба на слики од Бранкица Јордановска, утре, во Ликовен салон во Велес
Изложба на слики „Соочување“ од визуелниот уметник, костимограф и културен активист Бранкица Јордановска ќе биде отворена утре, во Ликовен салон Велес со почеток во 20:00 часот.
-Бранкица Јордановска завршила своето формално образование на Факултетот за ликовни уметности на отсекот за графика во Скопје, Р. Македонија. Од 2013 година е дел од Кула Колектив, група уметници и активисти кои се занимаваат со домен на современа уметност, културен активизам и алтернативна музика. Јордановска е активна членка на Компресор-Асоцијација за креативна трансформација. Таа е една од основачите на Алтернативниот културен центар Кула кој работеше во периодот од 2014 до 2016 година. Јордановска учествува во проектот Alumni Engagement Innovation Fund (AEIF): „Еднаков пристап преку сервисно учење Лица со попреченост“; OTP – On the Point проект / Поддржано од Креативна Европа 2019 година; и учество во Еразмус младинска размена – Прага 2018 | Проект – Еднаквост, пишува во соопштението на Музеј Велес.
Јордановска реализирала своја самостојна изложба насловена „Маска или преобразба на изопаченото“, во галеријата на Младинскиот културен центар во текот на претходната година.
Исто така, таа има креирано костими за различни алтернативни и институционални театарски продукции меѓу кои најзначајни се: „Експеримент“ и „Мајсторот за спомени“ во режија на Јане Спасиќ, „Ужегност“ во режија на Владимир Милчин, во продукција на независната театарска група Артопија, претстави од репертоарот на Театар за деца и младинци, операта „Помеѓу соништата и летови“ во , Народен театар за опера и балет. Јордановска нуди широк дијапазон на техники и дела кои во текот на својот досегашен краток, но плоден творечки период ги има реализирано. Од графика и акварел, до масло на платно и акрил. Од изработка на мурали и скулптури од железен одпад до костим и сценографија за театарски претстави. Основната, појдовна точка при истражувачкиот процес е комбинирање техники и формати на изведба на делата. Како основа за старт на процесот на продукција користи техниката акварел, како најтешко совладлив медиум во сликарството, за потоа да се комбинира со други техники, истражувајќи ги границите на можностите на еден автор да креира дела.
Инаку изложбата на слики во Велес е преку проект поддржан од Министерство за култура како проект од национален интерес за 2022 година во рамки на програмата на локална установа Народен Музеј Велес за 2022 година.
Стефани Манева