Коки: „Денес најбрзо растат цените и…предизборните ветувања на политичарите“

Овој понеделник осум нови афоризми од велешкиот афористичар Никола Бошков Коки за читателите на Дума.мк. Прочитајте ги и започнете ја работната седмица со насмевка.
-Денес најбрзо растат цените и…предизборните ветувања на политичарите.
-Политичарите предизборно ни ветуваат подобро утре, но за нив денес е веќе доволно добро.
-На изборните листи се појавија мноштво кандидати за градоначалници и советници во општините: почуствуваа луѓето дека занимавањето со политика претставува мошне корисен бизнис, и дека тоа најмногу се исплатува.
-Вистината во политиката е како гостин, сите ја очекуваат, но никој не ја сака.
-Современите домаќинки својот дом го средуваат со мошне ефикасни средства за хигиена, со модерни електрични апарати и помагала, единствено својот сопруг го средуваат…рачно.
-Постојат луѓе кои воопшто не покажуваат желба да се учат на сопствените грешки, туку и понатаму продолжуваат да се учат на…ГРЕШНИЧКИ.
-Генот си го направи своето: таа од мајката ги наследи очите, а од таткото…парите.
-На мојот нов комшија, урбан мангуп и божемски боем, атлетиката му беше слаба страна: кај ниту една девојка не успеа да стигне…ПРВ.
Афористичар Никола Бошков Коки
Дума.мк


