Поезијата сеуште е модерна, а не е стара мома!
Ваква порака од Кавадарци до сите љубители на пишаниот збор испратија четирите русалки Снежана Стојчевска, Катерина Батаклиева, Аница Блажевска и Цветанка Колева . Тие дојдоа во градот и ги промовираа своите стихозбирки „ Шеќер по подот“ , “Мижитатара“, “Жега“ и „Ладно кафе“. Книгите, во последно време, дигнаа голема прашина во државата и ја разбрануваа поетската сцена.
Овие четири девојки, веќе го носат епитетот – самовили, a меѓусебното дружење го започнале на интернет каде на своите блогови ги објавувале првите напишани стихови. Потоа сватиле дека можат заедно да работат.
“Ние се препознавме по начинот на пишување и едноставно ни се случи соработка. Идејата се роди лани во декемеври, за шест месеци подоцна да ја реализиравме на официјална промоција во Скопје. Доаѓаме сите од различни градови, но тоа е доказ дека поезијата ја има насекаде“ рече Цветанка Колева. Таа впрочем беше и домаќин на помоцијата во Кавадарци.
Стиховите кои ги напишале овие млади поетеси се полни со љубов. За неа пишуваат и со тага преку случки од секојдневниот живот, во кои трагаат ама и наоѓаат љубов. Сите четири поетеси рекоа дека имаат единствена цел а тоа е да ја оживеат и да внесат возбуда на поетската сцена во Македонија.
Трајче Бјадов нив ги нарече четири девојки – русалки, на тој начин правејќи компарација со словенската митологија во која зборот русалка означува сирена или самовила. Овие поетеси ќе останат запаметени по пораката, поезијата да биде разбрана како модерна а не како стара мома.
По Скопје, промоција на нивните стихозбирки, се случи и во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“. Поетесите најавија дека ќе продолжат да ги промовират своите книги и во поголемите градови во државата.
