Првиот македонски религиозен филм, добро прифатен во Русија!
Режисерката и актерка Весна Димитровска, најголемиот фестивал на религиозен филм „Радонеж“ во Москва ќе го памети по тоа што публиката во Русија имаше можност да се запознае со Македонската православна црква, со Република Македонија и градот Велес.
Религиозниот играно документарен филм „Пресвета Богородице – Спаси не“ чиј режисер е Димитровска на фестивалот го промовираше религиозниот живот на нашите простори, славењето на Мајката Божја како и на светителите чии имиња ги носат црквите и манастирите во Велес. Филмот предизвикаа внимание на фестивалот.
„Таму бевме почитувани и признати. Имав прилика да го доживеам тоа чувство , признавањето на мојата држава, на мојата Македонска православна црква, на мојот град. Навистина беше убаво во тие четири дена во Русија да си Македонец и да си православен христијанин“, рече Димитровска
Продуцент на филмот е Повардарската епархија. Филмот на фестивалот „Радонеж“ ја доживеа првата премиера надвор од Македонија. И МПЦ за прв пат учествуваше на овој реномиран фестивал во Москва, на кој беа прикажани 200 филмски и играно документарни остварувања од 28 православни земји. Затоа за нас има огромно значење вели ѓакон Влатко Стојманов, секретар на Повардарската епархија.
„Главната награда за нас е што верниците добро го прифатија филмот. Се надеваме дека и во иднина ќе биде дело поточно семе кое ќе биде закопано во земја и кое ќе даде добри плодови. Неговата промоција во Русија е особено значајна бидејќи се случува во време на негирање на нашето афтокефално постоење и сметаме дека тоа е огромна придобивка за нас“, рече Стојманов.
По „Радонеж“ филмот “Пресвета Богородице –Спаси не“ ќе биде испратен на уште најмалку четири фестивали на религиозен филм во Русија, земјата на уметноста и православието.
