Премиера на „Последниот балкански вампир“ во велешки театар!
Преставата е работена по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Ивановски.
За претставата на која се работеше два месеца режисерот Александар Ивановски појаснува дека во неа нема класични вампири, нема ни крв.
„Но, она што многу јасно го има се теми кои што се поврзуваат, пред се, со манипулацијата и со луѓето и со информациите. Клучниот проблем е односот помеѓу индивидуата и општетството, помеѓу единката и системот. Тоа прашање денес станува се побитно, имајќи ги предвид општите глобализациски процеси, кризата со креативноста во образованието од потребите на пазарот и на системските механизми,“ вели режисерот.
Според него, „Последниот балкански вампир“ се обидува да го сочува и одбрани достоинството како човек, како индивидуа, како свесно суштетство исправено спроти репресивниот механизам.
„Сржта на драмската структура се движи по рабовите на гротеската и апсурдот, тензијата и олеснувањето,“ рече Ивановски.
„Иако Дуковски ја напиша претставата, како своја испитна претстава по драматургија, а беше изведена на сцената на Велешкиот театар уште во 1989 година, таа е сега актуелна уште повеќе“ рече Јордан Витанов директор на театарот и актер кој играше во првата претстава.
Сега во претставата настапуваат актерите Маја Љутков, Кети Борисовска, Слободанка Чичевска, Самоил Стојановски, Кица Ивковска, Славица Манаскова и Весна Димитровска.
Сценографијата е на Дејан Трипуновски, а костимите на Александра Крнинова Груев.