Бади: Мојот живот е музиката
Сеуште постои ексклузивна можност да слушате музика од винил плоча на грамофон во Велес. И тоа не секаква, туку избрана, раритетна и добра. Изборот можете да го направите сами или со помош на домаќинот чиј живот, поточно четири ипол децении е посветен на квалитетниот или природно отсвирен звук и песните отпеани од легендарните „Пинк флоjд“,„Ролингстоунси“, „Дип парпл“, „Лед цепелин“, Боб Дилан и многу други светски познати групи, кант автори и пејачи или пејачки. Нема да погрешите ако оставите токму Бади да го направи изборот бидејќи само тој умее да се снајде помеѓу 10.000 плочи уредно поставени на рафтовите во неговата музичка соба.
Младен Најдовски Бади, пасинираниот љубител на винилки, обожува да слуша џез и блуз. Додека грамофонот ја врти винилката од која се разлеваат звуците на блузот тој вели ова е многу слична на македонската народна музика.
„ Особено блузот, тажна музика, а полна со емоции и чувства иста како нашата традиционална музика за која велам дека е блуз. На крајот на шеесетите години од минатиот век, па сé до 1975 се создаде целата музика. Денеска излегуваат нови џез или блуз имиња, но сепак генералната оценка е дека музиката е во криза. Тоа е така затоа што се е исвирено а нови идеи нема. И сé што сега се случува е класика. Мене тоа ми наликува како на она што пред два века го направи Гершвин со „Рапсодија во сино“. Тој Евреин не си обезбеди место ниту во класиката ниту во џезот, како голем уметник. А токму тоа е Гершвин. Кога јас би имал можност да одлучувам за него, би кажал само еден збор за него, перфектно“ рече Најдовски.
Тој ужива кога во слободното време слуша музика и чита стручна музичка литература. Тогаш од плочите што ги има го преслушува светското и домашното музичко творештво. И така е со години бидејќи толку време е навистина потребно за да се слушне сé во музичката соба на Бади.
Денеска кога се присети како стигнал до најголемиот број на лонг-плеј плочи, Бади ги раскажа доживувањата од концертите на стадионите низ Европа. Неговата музичка приказна започнала на познатите стадиони во градовите низ екс Југославија, но продолжила низ бројни европски метрополи.
„ Во Есен-Германија ги гледав Ролингстоунси, а во 1990 и на „Вембли“ во Лондон. Тоа беше големо доживување за мене бидејќи мојата младост почна токму со оваа група. За да ги слушам Пинк Флојд во втората половина на 70-те патував до Виена, а за легендарниот Мајас Дејвис бев во Белград. Особено ме радува тоа што сега се случува со посетата на светските музички имиња на Македонија. За секоја почит е гостувањето на Биби Кинг, Реј Чарлс, Боб Дилан , Џон Меклафли, Ерих Сардинас, Ханебој Едвардс. Тоа се музички легенди. Не ги пропуштив ниту „Зизи топ“, Џо Кокер, Сантана. Јас лично не се надевав дека овие музички имиња ќе покажат интерес за македонската публика, но го сменив мислењето. Ми раскажувале пријатели бидејќи јас бев мал и не се сеќавам како во шеесеттите години на минатиот век во Македонија гостувале Модерн џез квартет иГолден гејт квартет. Додека во седумдесеттите години со сигурност можам да кажам, бидејќи ги гледав и слушав, за гостувањето во Македонија на „Мидл оф д роуд“, „Паспорт“ и „Трокс“ . Потоа имаше период на затишје сé до почетокот на осумдесетите кога почна одржувањето на џез фестивалот, значи триесет и три години, па стартуваа блуз и соул фестивалот и организаторите успешно започнаа да ги носат врвните светски музички имиња во Македонија,“ рече Најдовски.
Тој ја има и лонг-плеј плочата снимена во 1959 година во Њујорк на Охридските трубадури, формирани од Климе Садило како и на Ансамблот „Танец“ од 1956 година.
„Нашата народна музика се изведувала и се почитувала во светот. За концертите на Охридски трубадури и на „Танец“ интерес покажале дискографски куќи од Америка. Нивни настапи снимила дискографската куќа „Фолкфејс“ која ги става на винили не само случувањата кај нив туку и во светот. Ја имам и плочата на канадската група „Дабинетс“, мандолински оркестар кој свири македонски народни песни, снимени на крајот на 60-тите како и оркестарот на Ѓорѓи Димчевски снимена во Париз“ рече Бади.
На голем број од омотите на лонг-плејките што ги купил од музичките продавници свој потпис ставиле легендарни групи, пејачи и пејачки. Нив Бади ги добил при лични контакти. За тоа говорат бројни фотографии во неговите албуми. Дел од винилките ги разменил со колекционери.
“Времето се смени, сега е потешко да се купи винилка. Во Македонија не постои дискографска куќа а во Србија „ ПГП“ се става на дискови. Ме радува што „Кроација рекордс“ повторно почна да снима на плочи. А тоа што ние немаме дискографска куќа е голем хендикеп за нашите македонски музичари,“ рече Бади.
Тој е особено задоволен што во Велес постојат млади луѓе кои се заинтересирани да слушаат стара добра музика и што доаѓаат кај него за совет. Бади вели дека им кажува сé што знае, им ги пренесува информациите што ги има, им позајмува списанија. Тоа што нивното уво го открива секој шум додека врти плочата на стариот одличен грамофон му дава надеж дека квалитетната музика нема да замине во заборав. Исто како што тоа го правеше порано, со години, во скоро илјада емисии од популарниот „Поп албум“ преку брановите на Радио Велес./Д.С
