Во една вечер две изложби на Игор Јосифов!
Една во Кавадарци во рамки на Кавадаречка културна есен, а друга во Мајами, во САД.
Младиот кавадарчанец Игор Јосифов познат по неговиот уметнички израз кој нуди метафорички значења, работи и акварел, експериментира со изгорена хартија, а во последно време преокупација му се перформансите особено на човековото тело синоќа ја имаше првата самостојна изложба во своето родно Кавадарци во градскиот музеј. Изложбата ја сочинуваат над педесет дела што авторот ги изработил во последната година. Јосифов не успеа да дојде бидејќи во исто време отвараше изложба и во Мајами. Но, многу негови колеги, почитувачи на неговото дело и пријатели беа присутни на отворањето на изложбата во родниот град.
“За својата работа има добиено бројни награди и признанија. На 14 години освои награда Мал битолски монмартр, а потоа е добитник на награди на меѓународниот фестивал Илинденски денови и на 13 ноември во Скопје. Награден за својата работа е и од факултетот за ликовна уметност на Сан Франциско. Минатата година освои прва нарада од Музејот на современа уметост во Македонија, “ рече Петре Камчевски, директор на Музеј-галерија Kавадарци
Јосифов потекнува од уметничко семејство. По завршувањето на училиштето за применета уметност “Лазар Личеновски” во Скопје завршил студии на академијата за уметност во Сан Франциско, САД. Тој е потомок на Јован Јосифов, авторот на идејното решение на грбот на општина Кавадарци, а четириесет години подоцна внукот Игор Јосифов го создаде идејното решение за репрезентативен клуч на градот Кавадарци.
