Многу ора, песни и аплаузи на годишниот концерт на Ансамбл „Керамичар“ (фото)
Повеќе од 120 игроорци, облечени во носии од различни краишта на нашата татковина, настапија по повод 68 години од основањето на најстариот велешки ансамбл „Керамичар“. Годинешниот концерт којшто се одржа во салата на ООУ „Блаже Конески“, го отворија најмалите игроорци на ансамблот коишто насмеани прекрасно ги изиграа ората „Бело лице љубам јас“ и „Доце Доце“. Претседателот на ансамблот, Томе Јаневски, не ја сокри својата радост и кажа дека е многу горд на сите играорци што го разубавеа годинешниот концерт.
-Многу сум среќен што одржувањето на годинешниот концерт на Ансамбл „Керамичар“ се поклопи со 11 октомври, Денот на народното востание. Сакам овој македонски празник да им го честитам на сите граѓани. Исто така, премногу сум горд на сите игрoорци коишто настапија на оваа сцена. Ветувам дека и понатаму ќе работиме и ќе се дружиме, додаде Јаневски.
Велешани повторно докажаа дека го сакаат и негуваат фолклорот, за тоа збореше преполната сала со публика којашто на секоја изиграна кореографија несебично ракоплескаше. На годинешниот концерт на ансамбл „Керамичар“ настапија и нивните гости како од Македонија така и од Република Србија.
– Ансамбл „Керамичар“ секоја година го одржува овој концерт со наши пријатели. Наша цел е сите наши игроорци, членови на ансамблот, да излезат на сцена и да се дружат како меѓусебе така и со нашите гости. Сакаме нашите гости да научат за нашиот, македонскиот фолклор, но и ние да научиме за нивниот. Годинава наши гости се културно уметничко друство „Космај“ од Сопот Република Србија како и нашите пријатели од КУД „Тодор Јанев“ од Чашка, оркестар за традиционални инструменти при ОМУ „Стефан Гајдов“ со двајцата вокални солисти Мартина Станчева и Игор Андреевски. На денешниот концерт свое учество зема и оркестарот на ветерани на нашиот ансамбл, додаде Јаневски.
За време на концерото беа доделени и благодарници како до дел од учесниците така и до долгогодишните поддржувачи на ансамблот. На самиот крај, сите игроорци заедно, фатени за рака го направија најголемото оро и играа на „Македонско девојче“.
Стефани Манева
фото: