Народен Музеј Велес е посетуван повеќе од ученици од други градови, велешките училишта организираат мал број на посети

Во изминатите години, големи групи на ученици од основните и средните училишта од Велес трационално го посетувале Народниот Музеј, Спомен Костурницата како и Спомен куќите во градот. Преку посетите, тие дополнително се запознавале со културната историја на градот, бидејќи во склоп на музејот делуваат и функционираат археолошко одделение, етнолошко одделение, историја на уметност и историско одделение со поставки распределени на три спрата. Народен Музеј Велес е првиот отворен музеј во државата и во него може да се видат книгата „Огледало“ од Кирил Пејчиновски, оргиналните ракописи на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, на Коста Солев Рацин како и археолошки предмети од Стоби.
Сега, велешкиот Музеј многу почесто го посетуваат групи на ученици од други градови, поточно, од Скопје, Куманово, Струга, Штип, Тетово. Основните и средните велешки училишта, за своите ученици, во многу мал број организираат посети на музејот и спомен куќите. Според директорот на институцијата, Ангел Коруновски, посетеноста на учениците е многу битна бидејќи визуелното примање на информации претставува најдобар вид на едукација.
Оваа институција се наоѓа во самиот центар на градот, каде фрекфенцијата на граѓани е постојано голема. Затоа, покрај учениците значајно е Музејот да биде посетуван и од останатите граѓани без разлика на возраста. Влезницата чини 10 денари за деца и 20 денари за возрасни од објект. Исто така, секој прв четврток од месецот посетеноста на велешкиот Музејот е бесплатна за сите граѓани.
Стефани Манева
