Оперската певица Караколева задоволна од концертот во Штип, наскоро ќе настапи и пред велешка публика (аудио и фото)
Секој концерт е посебен за оперската певица Вероника Караколева па така и синоќешниот, одржан во Уметничка галерија „Безистен“ во Штип. Таа за својот вчера вечерен настап ги сподели своите импресии со Дума.мк.
Караколева во краткиот разговор, што можете да го слушате во аудио форма, исто така ексклузивно соопшти дека наскоро во нејзините изведби ќе можат да уживаат и љубителите на оперското пеење во Велес.
Караколева веќе утре вечер, среда, 14 јули, настапува на фестивалот „Скопско лето“ потоа ќе следи настапот пред велешката публика па подготовките за турнеата во соседна Бугарија што ќе се одржи на 7 и 8 септември, годинава, во градовите Враца и Плевен. Оперската певица таму ќе настапи заедно со оркестарот на градот Враца под диригентска палка на маестро Никола Петров.
Во нејзиниот годишен календар со настапи особено е плоден месец септември затоа што на 23 ти, таа има настап и во Италија.
Станува збор за фестивалот „Concerti del Tempieto – Festival Musicale delle Nazioni“ во Рим. Концертната програма на Караколева е составена од предкласика па се до современи, како што се Хендел, Моцарт, Маскањи, Гершвин и други.
Караколева на концертите на пијано ќе ја придружува пијанистката проф. м-р Дилек Реџеп.
Убавка Јаневска