Претставено творештвото на Крсте Зограф во Ликовен салон во Велес (фото и видео)
Од 13 оригинални и уште четириесеттина икони на фотографиии и постери кои се наоѓаат во скоро сите постари цркви на велешка како и на територијата на општините во Повардарска епархија составена е изложбата од дела на Крсте Зограф од Велес .
Зографот еден е од позначајните иконописци од почетокот на XIX век, роден во Велес во 80-90 години на XVIII век. Неговите дела се создадени во периодот од втората до четвртата деценија на XIX век, воглавно атрибуирани на територијата на денешна Македонија, во поголем дел анонимни. Крсте зограф не сметал дека е потребно да го става потписот на секоја икона. Затоа неговиот потпис од досега евидентираните го ставил само на девет икони притоа потенцирајќи го сопственото велешко потекло. На отворањето на изложбата, вчера вечер, во Ликовен Салон Велес творештвото на овој познат македонски зограф го претстави Дарко Николовски.
За потеклото и наследници непосредно се дознава од натписот од манастирот на Св. Ѓорѓи од Неготино, во кој зографот Костадин – Хаџи Косте зограф од Велес, во 1875/76 го истакнува својот идентитет како син на Крсте зограф, родум од Велес. Тој податок е потврден и со објавувањето на натписот од царските двери (1859 г.) од манастирот Согле во велешко.
Иконографските предлошки по кои работел Крсте зограф се најверојатно преку светогорските влијанија, но тој изградил свој специфичен стил. Се работи за солиден познавач на зографскиот занает, кој сосема добро владее со цртежот, а добро владее и со анатомската пропорционалност. Особено внимание посветува на ликот, цртите на лицето се силно нагласени.
Автор на изложбата е Елица Николова од Народен Музеј Велес која истражувањето на творештвото на Крсте зограф го започнала пред две години.
Тоа што со сигурност може да се каже е дека икони од Крсте зограф во Велес има во скоро сите постари цркви. За негово најстаро потпишано дело се смета иконата „Св. Архангел Михаил“ кој ја мачи душата на богатиот, од 1815 година во параклисот, црква Св. Ѓорѓија во Велес. Од крајот на втората деценија за опусот на зографот Крсте од Велес, од големо значење се датираните икони од иконостасот во храмот во село Црквино. Најбројни и најкомплексни дела од Крсте зограф во Повардарската епархија се иконостасните икони настанати во црквата Св. Никола, во селото Уланци, во малата еднокорабна црквичка сместена на ритчето над селото. Во 1828 изработени се и 5 икони за црквата „Св. Архангел Михаил“ во село Горно Чичево. Непотпишани икони има и во црквата „Св. Василиј“ во село Грнчиште, во „Св. Атанасиј“ во село Богомила, во црквата „Св. Петар и Павле“ во село Папрадиште.
Надвор од велешко, во повардарскиот регион се среќаваат бројни икони од овој плоден автор. Бројни икони од неговата работилница има во Црквите од кавадаречко. Во црквата „Успение Богородичино“ во село Ваташа, изградена 1817 година, се наоѓа најстарата потпишана икона „Царски Двери“ од 1818 година. Негови икони има и во црква „Св. Архангел Михаил“ во село Бошава, во црква „Св. Стефан“ во село Конопиште, во црква „Св. Мина“ во село Граниково, во црква „Архангел Михаил“ во село Ресава и во црква „Св Богородица“ во село Бегниште.
Исто така поголем број на непотпишани икони има во црквата „Св. Димитрие“ во село Смоквица, гевгелиско, во најголем број настанати во 1834 и 1835 година, најверојатно работени со помошник.
Изложбата е финансирана од страна на Министерството за култура како дел од Годишната програма за остварување на проекти од национален интерес во културата за 2024 година, за музејска дејност.
Убавка Јаневска