Промовирана „Стиховна градина“ – стихозбирка создадена од млади велешки поети
Објавено: 27 ноември, 2025, во 13:59 часот
Во просториите на Здружението на пензионери во Велес денеска беше промовирана поетската збирка „Стиховна градина“, која собира песни напишани од учениците од основните и средните училишта од Велес и околните места. -Издавач на стихозбирката е клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ и истата е финансирана од Здружението на пензионери Велес.

За време на промоцијата, уредникот на стихозбирката, Лили Арсова, се обрати до младите автори, охрабрувајќи ги да продолжат со своето творештво и во иднина. Таа ги покани учениците да пишуваат и да ја развиваат својата љубов кон поезијата.

Претседателот на Здружението на пензионери, Веле Алексоски, ги мотивираше младите автори да се обидуваат и во пишување на приказни и проза, истакнувајќи дека здружението ќе продолжи да ги поддржува и спонзорира сите нивни идни творечки активности.

Рецензентот на збирката, Нада Алексоска, истакна дека песните од ова издание носат радост, емоции, љубов кон татковината и природата, но и пораки за доверба и спокој во животот.
-Рецензијата ја нареков „Излеана љубов од младите велешки поети“. Во оваа стихозбирка љубовта кон мајката никогаш не престанува. Во неа се редат песни како слики со многу чувства. Учениците поети во своите песни многу искрено ги изразиле своите чувства, му препорачуваат на читателот да си го живее животот среќно и весело, да си ги сака своите ближни и да верува во идното утре, објасни Алексоска.

За време на настанот сите ученици добиваа примерок од стихозбирката и потоа ја читаа својата песна.


Овој настан докажува дека поезијата не познава возраст и дека младите творци со своите зборови можат да остават траен печат во срцата на сите кои ја сакаат книжевноста.
Стефани Манева


